Специјализираниот ракометен портал „handball-planet.com“, во пресрет на 24-то Светско првенство кое в четврток ќе започне во Катар, традиционално излезе со своја прогноза за можниот пласман на репрезентациите учеснички. Според порталот Македонија, која во Катар четврти пат ќе игра на Мундијалите, во Б групата ќе заврши на третата позиција, а во конечниот пласман ќе го освои деветтото место.
Порталот предвидува дека во Б групата пласманот ќе биде Хрватска, Тунис, Македонија, Австрија, БиХ, Иран.
Според предвидувањата Македонија во осминафиналето би играла против Словенија која би завршила на второто место во А групата зад Шпанија, а пред Катар, Белорусија, Бразил и Чиле.
Како што прогнозира „handball-planet.com“, поредокот во Ц групата би бил Франција, Шведска, Исланд, Египет, Чешка, Алжир, а во Д групата Данска, Полска, Русија, Германија, Аргентина и Саудиска Арабија.
Топ фаворит за титулата е како што пишува порталот „Клод Онеста со неговите „експерти“. Во самата завршница покрај Франција би се нашле уште селекциите на Данска, Хрватска и Полска.
Конечен пласман според „handball-planet.com“:
1. Франција, 2. Данска, 3. Хрватска, 4. Полска, 5. Шпанија, 6. Шведска, 7. Словенија, 8. Тунис, 9. Македонија, 10. Катар, 11. Русија, 12. Исланд, 13. Белорусија, 14. Австрија, 15. Египет, 16. Германија, 17. Аргентина, 18. БиХ, 19. Чешка, 20. Бразил, 21. Алжир, 22. Иран, 23. Чиле, 24. Саудиска Арабија.