СЈО предлага куќен притвор за Мијалков

Специјалното јавно обвинителство дало позитивно мислење до кривичниот совет на скопска единица за ексшефот на УБК, осомничен во случајот „Империја“, потврдуваат оттаму за „А1он“. Тоа значи дека тројца судии може уште попладнево или вечерва да го пуштат Мијалков во куќен притвор. Тој засега е единствениот од случајот „Империја“ кој е во притвор.

Со одлуките на скопска Апелација сите осомничени излегоа од притвор. Во предметот „Империја“ истрагата опфати 13 лица. Првично притвор им беше определен на бизнисменот Јордан Камчев, неговите соработници Ненад Јосифовиќ и Зорица Арсовска, директорот на „Пелагонија“, Цветан Панделески и директорот на фирмата „Ексико“, Тодор Мирчевски. За овој случај е осомничен и Сашо Мијалков, на кој на 2 декември му беше изречена мерка притвор од 30 дена.

Покрај нив, осомничени се и Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски. Сите се осомничени за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело во периодот од 2002 година до 2013 година.

Васко Маглешов