Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за целосна амнестија, на 26 ноември пред пратениците

Предлог законот за амнестија на осомничените, осудените и обвинетите за 27 април доставен од ВМРО-ДПМНЕ пред пратениците ќе се најде на седницата закажана за 26 ноември.

„Со Законот за амнестија на лицата осомничени, обвинети и осудени за собраниските настани од 27 Април 2017 година се предвидува и уредува начинот на ослободување од кривично гонење, запирањето на поведените кривични постапки и целосното ослободување од издржување на казната затвор на лицата осомничени и обвинети во судските постапки кои се водат пред судовите на територија на Република Македонија, а во врска со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 Април 2017 година. Со законот се определува и бришење на осудата и се укинува правната последица на осудата заклучно со денот на влегување на законот во сила“, се наведува во предлогот доставен до Собранието.

Предлог-законот го доставија од ВМРО-ДПМНЕ по иницијативата за формирање тело за помирување, во кое тие најавија дека нема да учествуваат, бидејќи според нив тоа е селективна правда.

Од партијата побараа предлог законот за амнестија да се разгледува уште на претходната седница, кога се гласаше за одземање на мандатот на експремиерот Никола Груевски, но тоа не беше прифатено од мнозинството пратеници.

Галена Николовска-Ризвановиќ