Потпишани договори за национално-кофинансирање на ИПА проекти во општина Неготино

Градоначалникот на Неготино Тони Делков, потпиша договори за национално-кофинансирање на два ИПА проекти во неготинската општина, информираше денеска Методи Митрев, портпарол во локалната самоуправа.

Се работи за национално кофинансирање на одобрени проекти од ИПА програмата за прекугранична соработка Грција-Македонија.

– Согласно договорот за проектот WA-MBRELLA, преку национално кофинансирање од Министерството за локална самоуправа, на општина Неготино како партнер 2 на проектот ќе и бидат префрлени средства во висина од 43.500 евра или 15 отсто од вкупно 286.140 евра, колку што чини целиот проект. Се работи за изградба на колекторот Тимјаник – Неготино во должина од 2.000 метри, набавка на геозвучни детектори за мерење на загубите на водата за пиење, подготовка на техничка документација за довршување на колекторот во Неготино во должина од 400 метри и техничка документација за пречистителна станица, како и други едукативни мерки во рамките на истиот проект. Преостанатиот износ на проектни средства ќе бидат обезбедени од Европската Унија. За истиот проект, договот за национално кофинансирање наскоро ќе потпише и ЈП „Комуналец“ Неготино, како партнер 4 во овој проект, појасни Митрев.

Исто така, потпишан е и договор за национално кофинансирање преку Министерството за локална самоуправа и за проектот ENPOL-EE, за подобрување на енергетската ефикасност во општина Неготино, преку замена на улично осветлување, подобрување на енергетската ефикасност во општинската зграда и други едукативни и промотивни мерки.

– За сето тоа, на општина Неготино од Министерството за локална самоуправа ќе и бидат префрлени 47.400 евра, односно 15 отсто од вкупната сума од 315.979 евра потребни за реализација на проектот. Останатите средства ќе се обезбедат исто така од ЕУ, преку ИПА програмата за прекугранична соработка Грција – Македонија. За истиот проект договор за национално кофинансирање со Министерство за локална самоуправа, наскоро ќе потпише и СОУ „Св Кирил и Методиј“ Неготино, како партнер 4 во овој проект, додаде Митрев.