Рехабилитација и санација на улицата „Крушевска Република“ во Штип

Денеска градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, изврши увид во градежните активности на една од улиците опфатени со рехабилитација и санација, а тоа е улицата „Крушевска Република“ која се наоѓа во населбата Баби.

„Пред неколку дена објавивме дека Општина Штип започнува голема градежна офанзива со големи инвестиции во висина од 2.6 милиони евра. Денеска продолжуваме со промовирањето на сите градежни зафати коишто ги започнавме и ќе ги спроведуваме во наредниот период. Инфраструктурата е многу важна за граѓаните на Општина Штип и важно ни е тоа да биде квалитетна инфраструктура до секој дом на нашите граѓани. Токму затоа продолжуваме да работиме во оваа насока. На улицата „Крушевска Република“ ќе асфалтираме површина од 1300 метри квадратни, а рехабилитацијата и санацијата на оваа улица Општина Штип ќе ја чини некаде околу 450.000 денари,“ истакна градоначалникот Бочварски.

Освен улицата „Крушевска Република, со рехабилитација и санација ќе бидат опфатени и други постоечки улици во градот кои се во дотраена состојба, а меѓу нив се и улиците „Петта Партиска Конференција“, „Ѓорги Петров“ и „Иво Лола Рибар“.

„Многу е важно да се напомене дека овие улици коишто сега ги работиме се произлезени од барањата слушнати преку директната комуникација којашто ја имам со граѓаните. Веднаш започнуваме да ги реализираме нивните барања. Работиме со засилен интензитет и ќе покажеме и во наредниот период како треба да се работи во Општина Штип,“ потенцираше градоначалникот Бочварски.

Рехабилитацијата и санацијата на улицата „Крушевска Република“ е само една од многуте инвестиции во инфраструктура во населбата Баби од почетокот на мандатот на градоначалникот Бочварски. За потсетување, во оваа населба во изминатите десетина месеци беа направени две нови улици, беа изведени стотици метри нова водоводна и канализациона мрежа, беа реконструирани делови од веќепостоечката водоводна и канализациона мрежа, беше поставена активна зона за вежбање. Во населбата Баби конечно после долги години вистински се вложува и се оплеменува просторот, онака како што доликува за населба со бројно население.

Би можело да ве интересира

Археолозите работат на два локалитета на експресниот пат Штип – Кочани

A1on

Пробниот попис во Штип тече без проблеми

A1on

Одложено судското рочиште за стечај на штипски „Бетон“

A1on

Акција „Се бара Тор од планетата Азгард“ во Штип

A1on

Општина Штип продолжува со реконструкција на патната инфраструктура во градот

A1on

(ВИДЕО) Јорданов: Во Штип денес градат само семејните фирми на градоначалникот

A1on