ВИДЕО: Кривична пријава за Владимир Тодоровиќ за криминал во изградбата на мостот „Око“

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против три лица, меѓу кои и ексградоначалникот на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ, за криминал за изградбата на пешачкиот мост „Око“, кој е дел од проектот „Скопје 2014“.

Освен против Тодоровиќ, пријава е поднесена и против М.Т. поранешен секретар во Општина Центар и Д.Р. вработен во секторот за градежно уредување во Општина Центар за несовесно работење во службата со што нанеле штета на Буџетот од над 433.000 евра.

Од Финансиска полиција соопштија дека пријавените се согласиле да ја надоместат штетата во целост и дека веќе добиле потврда од Општина Центар дека пријавените ги вратиле парите на сметка на општината на 30 јуни.

Директорот на управата, Арафат Муареми, рече дека другите предмети од проектот „Скопје 2014“ за кои е надлежна финансиска полиција се во предистражна постапка, а за мостот „Око“ целосно е завршена истрагата.

Тој рече дека постојат сомневања за одлевање пари од земјава и за другите истраги од „Скопје 2014“.

Галена Николовска-Ризвановиќ