Премиерот Зоран Заев потврди дека е пристигната нацрт- спогодбата од Грција за решавање на спорот за името, но и дека македонската нацрт-спогодбата е испратена во Атина.
„Спогодбата е стигната, како што и нашата е испратена, тоа треба да биде алатка која треба да помогне во процесот на преговорите во следната фаза која треба да се одржи во Виена“, рече Заев на прес-конференција во Владата.
Прашан дали е точно дека Грција го фаворизира името „Горна Македонија“, Заев рече:
„Можам да кажам дека немаме зборувано за која точна географска одредница се работи, други моменти од спогодбата се поважни. Немаме разговарано за конкретно име, ниту од нашата, ниту од нивната страна“.
Според премиерот Зоран Заев, поважен елемент е нацрт-документот на посредникот Метју Нимиц, а сите други предлози се алатки кои можат да помогнат во разговорите за името.
„Сето друго се алатки и можности кои можат да бидат од помош, но и не мора да бидат составен дел на договорот“, потенцираше премиерот.