„Граѓаните на Гази Баба заслужуваат услови за спорт и рекреација во својата општина. Токму затоа, во следните четири години ќе инвестираме континуирано во спортските инфраструктурни капацитети. Ќе овозможиме и поддршка за младите спортски таленти, и за клубовите на територијата на Гази Баба.
Предвидуваме три капитални проекти во областа на спортот. Ќе изградиме нов мултифункционален спортски центар во Стајковци и Црешево, во чии рамки ќе има игралишта за мал фудбал, кошарка и тенис, атлетска и велосипедска патека и отворени фитнес-направи.
Нова спортска сала ќе добие и Автокоманда. Таа ќе претставува современа спортска содржина, која ќе овозможи развој на клупските и поединечните спортови.
Во рамки на постојниот СРЦ „Хиподром“, покрај придружните спортски објекти и атлетски патеки, предвидуваме и изградба на отворен базен, со придружни содржини: вештачка карпа за алпинистичко искачување и детски катчиња.
Новата локална самоуправа ќе инвестира во развој на младите таленти и поттикнување на спортскиот дух во Гази Баба. Така, финансиски ќе ги подржиме спортските школи кои работат со младите. Секое населено место ќе добие модерен спортски терен, а ќе изградиме и отворени фитнес зони и трим патеки.
Спортот е предуслов за квалитетен живот со секоја општина. Нашата цел е да овозможиме услови за рекреација за секој жител на Гази Баба, како и поддршка за младите спортисти за да им помогнеме да го реализираат својот потенцијал. Во следните четири години општината ќе биде отворена за спортските клубови. Преку заедничка работа ќе создадеме услови по мерка на граѓаните и ќе постигнеме бројни успеси во областа на спортот“, изјави Борис Георгиевски, кандидат за градоначалник на Гази Баба.