Св.маченик Трифун, зaштитник на градинарите и лозарите

Свети маченик Трифун, 14/1.II.2017

Зaштитник на градинарите и на лозарите

Момчето што на 17-годишна возраст со Божја помош ја излекува царската ќерка Гордана којашто не можеше да ја излекува ниту еден лекар во империјата се стекна со голема слава и настрада на 21-годишна возраст, но остана во споменот на целиот христијански православен свет како поим за младост и доследност на христијанските традиции. Подоцна за свој покровител го зеле градинарите, лозарите и меанџиите.

(Именден празнуваат: Трифун, Трајан, Трајанка, Трајко, Трајче…)

Светиот маченик Трифун е роден околу 225 година во Кампсада, во малоазиската област Фригија, во близината на градот Апамија. Неговите родители биле христијани и уште рано кај него ја поттикнале љубовта кон Христовата вера. Во детството чувал гуски, но уште тогаш се истакнал со исцелителска способност. Со Божја помош лечел болни од разни болести и од луѓето ги бркал лошите демони. За неговите чуда се раскажувало во целата империја поради што бил викнат во Рим кај царот Гордијан, кого што во тоа време го снашла голема несреќа, бидејќи ќерка му Гордана се разболела од душевна болест и не можел да ја излечи ниту еден лекар во империјата. Во еден момент нечистиот дух од неа проговорил дека никој не може да го избрка освен Трифун. Најпосле, по Божја промисла во Рим пристигнало и младото, 17-годишно момче од Кампсада, коешто за кусо време ја излечило царската ќерка и се стекнало со уште поголема слава. Од царот било дарувано со многу дарови кои на враќање им ги разделило на сиромасите.

Свети Трифун со маченичка смрт умрел за време на царот Децие кога бил вршен голем прогон на христијаните. Од обласниот римски царски намесник по име Аквилин бил повикан да дојде во Никеја каде што било седиштето на обласната управа и му било предложено да се откаже од Исус и на римските богови да им принесе жртви. Трифун го одбил тоа поради што бил многу мачен. Бил обесен на дрво и тепан со прачка, потоа бил врзан за опашката од коњот и влечен низ полето, а кога и со тоа не го заплашиле го осудиле да му биде пресечена главата со меч. Но пред да биде извршен тој чин, додека војниците го воделе надвор од градот, Трифун се молел на Бога да му ја земе душата и кога дошле на местото за егзекуција тој ја предал душата пред мечот на џелатот да падне на неговиот врат. Тоа се случило на 14/1 февруари 248 година (според други во 250 година), кога имал само 21 година. Локалните верници го погребале на своите гробишта, но тој им се јавил на сон и посакал да биде погребан во своето село. Оваа желба му била исполнета и подоцна моштите му биле пренесени во неговото родно село.

Би можело да ве интересира

Боларис: Може да се најде решение и за црковното прашање

A1on

Патријарх Вартоломеј: Во духот на љубовта и единството го разгледуваме барањето на црквата во Северна Македонија

A1on

СПЦ подготвува стратегија за продолжување на дијалогот со МПЦ

A1on

Владиката Пимен за Мукоски: Би патувале во авион со човек кој може да ја отвори вратата?

A1on

СПЦ одлучи да го обнови дијалогот со МПЦ-ОА

A1on

Литија со моштите на Свети Георгиј низ струшките улици

A1on