Откриен споменик на Методија Шаторов Шарло во Прилеп

Во центарот на Прилеп денеска беше откриен споменик на прилепскиот и македонски деец од Втората светска војна Методија Шаторов Шарло. Споменикот е висок 2,4 метри, поставен е на пиедестал и излеан во бронза. Автор е академскиот скулптор Жарко Башески.
Историчарарот Тодор Чепреганов на поставувањето на споменикот рече дека Методија Шаторов Шарло по 75 години историски се врати дома, меѓу прилепчани, потврдувајќи се како македонски деец и потсетувајќи на своето мото дека во единството е успехот на се, како порака за идните генерации.
– Беше една од најконтроверзните личности во македонската историографија, личност која најмногу талкаше на буништето на историјата за да ја докаже својата невиност. И конечно, по 75 години, Методија Шаторов Шарло се враќа со дигнато чело онаму каде припаѓа: во плејадата македонски великани кои својот живот го посветија на обединета и самостојна македонска држава. Денес тој и историски се врати меѓу своите прилепчани, да стои и да потсетува на своето мото дека само со единство е успехот на се, а не со меѓусебните поделби, рече историчарот и професор Чепреганов.
И за историчарката Соња Николова, која неодамна докторираше истражувајќи го делото на Шарло, тој е потврден македонски деец.
– Истражувањата покажаа дека Методија Шаторов Шарло, каде и да одел, во туѓа комунистичка партија, тој децидно секаде се декларирал како Македонец. Токму таа негова цел, таа негова борба да ја види, со неговата визија и мисија, Македонија обединета, независна, слободна и рамноправна со останатите балкански држави, денес со право можеме да кажеме дека го поставува на највисокото место како македонски деец, рече Николова.
За претседателот на Сојузот на борците на Прилеп, Круме Соколоски, Шарло го добил заслуженото место. – Градот Прилеп му се оддолжува со поставување споменик на заслужниот свој сограѓанин, истакна Соколоски.
За семејството на Шарло, настанот значи рехабилитација од анатемите кои го следеле.
– Методија Шаторов Шарло, мојот дедо, секаде се декларирал како Македонец и се борел за суверена, обединета Македонија. Возбуден сум и сум благодарен на локалните власти и на историчарите што го осветлија делото и името на мојот дедо, рече Илија Димески, член на семејството на Шарло.
За делото Шарло се одржа и симпозиум во градската библиотека „Борка Талески“.

Би можело да ве интересира

Шкендија елиминиран во првото коло

Рачната бомба фрлена во центарот на Прилеп била активирана, но се изгаснала пред да експлодира

Ана Ололовска

Непознато лице оставило бомба кашикара во центарот на Прилеп

Виктор Јованов

Прилепски „Пивофест“ од 18 до 21 јули

Ана Ололовска

ФФМ со осуда за говорот на омраза кон Алиоски: Омразата не игра на наш терен!

Татјана Ташкова

Комисија на ФФМ донесе одлуки за издавање лиценци