Значајните археолошки откритија ја зголемија посетеноста на Стоби

На комплексот околу Храмот на Изида во Стоби е откриен дел од мозаик, фрагменти од штуко-декорација и фонтана, што зборува за раскошот на овој археолошки локалитет. По 2009 година, ова е прво откритие на мозаик во Стоби кој датира од 4 век.

Во Епископската базилика – најзначаен објект од ранохристијанскиот период во земјава и пошироко, оваа година е откриен фрескоживопис на јужниот и западниот ѕид на базиликата со вкупна должина од 13 метри и висина од 1,7 метри.

Од понеделник започнува реализација на проектот за доистражување, конзервација и реставрација на театарот во Стоби кој се одвива во континуитет од 2013 година. Со речиси двојно зголемен буџет за годинава ќе се конзервира и реставрира видливата архитектурата во долниот дел на гледалиштето и сценската зграда.

Со комплетирање на овој зафат ќе се отвори патот за ревитализација на објектот и културни случувања од различен карактер. Во моментот во амфитеатарот во Стоби не смеат да се одржуваат настани со голем број посетители поради тоа што неговата западна половина која е оригинално сочувана, не е во идеална состојба и мора да биде заштитена.

Во рамките на Школата за археологија со 17 студенти од САД, Канада, Кина, Австралија, Кина, Шведска и Ел Салвадор која е во тек, минатата недела имаа исклучително откритие – мермерна скулптура на Дионис, богот на виното и заштитник на театарот, претставен со пантер и винова лоза која веројатно е изработена во 3 век.