Рот: Се надевам на позитивна оценка на Бундестагот до октомври

Германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот изјави дека стратегијата за проширување е од голема важност за ЕУ и се заложи за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија „колку е можно побрзо“.

Тој по пристигнувањето на Советот на министри на ЕУ во Луксембург истакна дека на германскиот Парламент, Бундестаг, му е потребно време да го разгледа извештајот на Европската комисија и да даде „зелено светло“.

– Разбирам дека се работи за важни прашања за партнерските земји, но мораме да му дадеме време на Бундестагот. Се надевам на позитивен исход колку е можно побрзо, до октомври, нагласи Рот.

Тој најави дека ќе се разговара за извештајот за напредок на земјите во процесот за пристапување во ЕУ, кој минатиот месец го објави ЕК, а посебно го нагласи позитивниот развој на настаните во Северна Македонија и Албанија.

– Пред една година во Луксембург им дадовме на двете земји задачи и мое мислење е дека тие ги исполнија, изјави германскиот министер.

Рот посебно го потенцира постигнувањето на Преспанскиот договор меѓу Скопје и Атина, кој според него претставува пример за храброст и подготвеност за помирување по речиси 30 години несогласување.

– Нашата позиција е најбрзо што може да се договориме за почеток на пристапните преговори. Во прашање е почеток на долги и тешки преговори, но станува збор за кредибилитетот на ЕУ и стабилизирање на демократијата, владеењето на правото и слободата на медиумите во овие две земји кои нема да функционираат без ЕУ, заклучува Рот.

Би можело да ве интересира

Зелените бараат четири портфолија во идната Европска Комисија

Пред ЕП претставени приоритетите на финското претседателство со ЕУ

ЕУ подготвена за нови санкции против Венецуела

Ана Ололовска

ЕП со изборот на Урсула фон дер Лејен го избра патот на опуштање на односите со Советот на ЕУ

Ана Ололовска

Хан: Фон дер Лејен ја потврди европската перспектива на Западен Балкан

Урсула фон дер Лејен за обединета и силна Европа