САД може да воведат санкции против Турција поради купувањето на рускиот С-300

Пентагон му дал ултиматум од две недели на врвот на Турција да се откаже од рускиот ракетен систем, во спротивен случај САД ќе ги затворат капацитетите за производство на делови за ловците Ф-35 и ќе биде откажана продажбата на 100 такви ловци на Анкара, јави „Си-Ен-Би-Си“.

Турците од своја страна очекуваат САД да воведат и санкции против нив, соошти турскиот министер за одбрана Хулуси Акар.

-Им објаснавме дека прашањето е веќе решено, а тие цело време одговараат дека секоја ситуација може да биде изменета, изјави Акар во врска со последната средба во Пентагон. Тој додава дека Турција се подготвува за последиците од можното наметнување санкции поврзани со КААТСА, Закон за спротивставување на противниците на Америка преку санкции.

Во рамки на овој закон Вашингтон може да воведе санкции кон физички и правни лица кои соработуваат со санкционирани руски структури или купуваат руско оружје.

Така на пример, во септември лани Вашингтон воведе санкции против Директоратот за развој на вооружување на Централниот воен совет на Кина и против раководителот Ли Шанфу. Причината беше купување руски ракетни системи С-400 и авиони Су-35 од страна на Кина.

Врвот во Турција не е засегнат од можното повлекување на американските капацитети за производство на делови за Ф-35, бидејќи, се вели, земјата е „партнер од трето ниво“, во меѓународната програма за производство на овие авиони. Тоа значи дека Анкара нема пристап до технологиите и се занимава со монтирање на релативно некомплексни елементи.

Според некои пресметки турската економија би била оштетена за само 10 милијарди долари ако Амерканците ги повлечат своите капацитети.

На средба со студентите изминатиот викенд во Истамбулскиот универзитет, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција во иднина планира заедно со Русија да произведува противракетни системи С-500 на нејзина територија.