Заев му побара оставка на Котевски пред три месеци, а сѐ уште не ја разгледува

Директорот на КПУ „Затвор Скопје“, Ѓоко Котевски, ќе остане на функцијата уште најмалку една недела. Владата и на вчерашната седница не ја разгледа оставката што Котевски по барање на премиерот ја поднесе пред три месеци поради инцидентот во кој беа нападнати ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески. Премиерот Зоран Заев пред три месеци рече дека поради распишаните претседателски избори, за оставката на Котевски ќе одлучуваат по изборите.

„Оставките се разгледуваат на редовна седница. На секоја седница има точка кадровски прашања. На последната не се разгледа оставката на Котевски. Ако евентуално се разгледува на наредната, ќе ве информираме“, изјави владиниот портпарол Муамет Хоџа за „А1 он“.

Претседателските избори официјално завршија на 11 мај кога на Стево Пендаровски му беше врачено решението за претседател на државата. Портпаролот Хоџа вели дека по завршувањето на изборите, имале само една седница со кадровски прашања.

„Тоа беше минатата седница. Тогаш го разрешивме само колегата Миле Бошњаковски на негово барање. Котевски ќе се најде на дневен ред на некоја од следните седници“, вели портпаролот Хоџа.

Неофицијално, пак, не е исклучена можноста за оставката на директорот Котевски да се расправа во пакет со најавената метла на премиерот Заев.

Покрај Котевски, кој понесе оставка кога тоа од него го побара премиерот, оставка од функцијата директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци поднесе и Горан Трајковски, како што рече, од лични причини. И тој не се најде на дневен ред на вчерашната владина седница.

На почетокот на месецов оставка, исто така од лични причини, си поднесе министерот за култура, Асаф Адеми. Од Владата велат дека неговата оставка е архивирана кај нив и се очекува мандатарот да ја поднесе во Собранието, каде што треба да се одлучува.

Премиерот Зоран Заев за кадровските смени најави дека ќе ја извести јавноста до крајот на мај или во првата половина на јуни, а синоќа, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека во тек се процедурите за менувањата оти „ред било првин да се поразговара со оние што ќе бидат сменети“.

Со метлата, според премиерот Заев, ќе бидат опфатени сите функционери што се покажале како арогантни, не ги исполнувале поставените задачи и покажале неагилност.

Маја Илиевска-Пачемска

 

Би можело да ве интересира

Васко Ковачевски нов директор на ЕЛЕМ

Татјана Ташкова

Османи: Кадровските промени значат нови политики за подобар стандард

Ана Ололовска

ВИДЕО: Разрешени директорите на МЕПСО, ЕЛЕМ, началникот на УБК и десетици други функционери

Галена Николовска-Ризвановиќ

Османи- Чавушоглу: Северна Македонија и Турција остануваат стратешки партнери

Ана Ололовска

Власта и опозицијата без договор за лидерска средба

Ана Ололовска

Руските комичари за А1он: Го избравме Заев откако почна да ја обвинува Москва

Галена Николовска-Ризвановиќ