Со нови законски решенија до подобро и помасовно земјоделско задругарство

Преку промена на законите треба да се креира јасна законска рамка, која ќе овозможи развој и поддршка на задругарството во земјата, порачуваат учесниците на проекот „Поддршка за развој на земјоделските задруги“, со кој преку презентација на јавни дебати низ земјава се бараат најдобрите решенија за подобро и помасовно земјоделско задругарство.

Ппретседателот на Македонската асоцијација на земјоделски задруги, Менде Ивановски на презентацијата во Струмица информираше дека законот е подготвен и дека преку јавни дебати го презентираат пред земјоделците за да видат дали е прифатлив.

-Ние сакавме да остане законот за земјоделски задруги, но и тој не покажа добри резултати. Затоа одредби од постоечкиот закон се предлага да се префрлат во Законот за земјоделство и рурален развој, со што не се укинува целосно законот за земјоделски задруги. Со новите законски решенија ни се даваат многу олеснителни околности, ни се дава поголема слобода во статутите на земјоделските задруги и да го дефинираме учеството на земјоделците во задругите, додаде првиот човек на македонските задругари

Драги Памуков од Земјоделската задруга „Веге Фреш“ од село Куклиш, која опстојува повеќе години, смета дека законските измени и укинувањето на досегашниот закон за земјоделски задруги, кој ќе биде заменет со општ закон за задругите, ќе доведе до ситуација задругарите да не можат сами да се заштитат.

-Ние сме со став да нема укинување на постоечките законски решенија, туку да имаме само негово надградување.Можеби овој закон кој сега го имаме треба да се надгради, но за жал ќе одат со укинување на постоечкиот и ќе треба да се бориме како задруги во правилниците на министерството за земјоделство да ги исполниме овие услови кои ги имавме досега, рече Памуков.

Подвлече дека со досегашниот закон членовите на задругата имале бенефити.Смета дека постојните, како што се враќање на средствата до 90 отсто за купување земјоделска механизација и враќање на средствата од плати и придонеси нема да се укинат и ќе се стават во правилниците, но со тоа може некоја година ресорното министерство да го прескокне спроведуањето на правилниците, а доколку е законски решено тогаш не може да се направи тоа.

Според Драган Периќ, од организацијата „CARE“ од Луксембург и Германија, проектот „Поддршка за развој на земјоделските задруги“ има четири главни цели.

-Првата е промена на законската рамка, која се однесува на развојот на земјоделските задруги. Втората е техничка и финансиска помош на Македонската асоцијација на земјоделски задруги, која треба да ги застапува интересите на самите задругари, а третата цел е поврзана со промоцијата на задругарството и подигнување на свеста кај земјоделците дека само заедно е подобро, како што е нашиот слоган. Четвртата, која е најважна, е техничка и финансиска поддршка, бидејќи проектот има преку еден милион евра за поддршка на 8 постоечки и 12 нови земјоделски задруги, рече Периќ.

Додаде дека веќе имаат 53 апликации-19 од постоечките и 34 од групи на фармери, кои се заинтересирани да отворат нови земјоделски задруги и со тоа да се зголеми бројот на задругите.

Ѓорги Хаџикотарев, производител на органски производи од Струмица, најавува формирање на земјоделска задруга на органски производители.

-Здружувањето секаде е цел заради полесен настап на пазарите и полесно пронаоѓање на самите себе. Се надевам дека и органските производители полесно ќе си најдат пазар како во државата, така и надвор, смета Хаџикотарев.

Во нашата држава има 42 регистрирани земјоделски задруги, од кои 33 се членки на Македонската асоцијација на земјоделски задруги, а 30 се во постапка за регистрација.

Би можело да ве интересира

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ 11 години ги игнорираше земјоделците

A1on

(ВИДЕО) Китев: Создаваме услови за окрупнување на површините и за зголемување на производството

A1on

(ВИДЕО) Трипуновски: Заев и Николовски го урнисаа македонското земјоделство

A1on

За 5,9 отсто зголемени откупот и продажбата на земјоделски производи

A1on

Градинарските култури во Струмичко се откупуваат по рекордно високи цени

A1on

Стопанска комора: Потенцијалите на земјоделството неискористени, субвенциите без резултат

A1on