Европски квиз на парите: Тимот на Северна Македонија втор во Европа

Во конкуренција на финалисти од дваесет и осум европски земји, претставниците на Северна Македонија, младите велешани Викторија Панова и Марко Инѓилизов, го освоија второто место на финалето на Европскиот квиз на парите што се одржа вчера во Брисел, Белгија. Првото место го освоија претставниците на Словенија, додека третопласиран е тимот на Германија. Ова е голем успех не само за Панова и Инѓилизов, туку и за земјава, афирмирана преку постигнатиот резултат на меѓународното натпреварување кое по вторпат го организира Европската банкарска федерација (ЕБФ) со цел охрабрување на наставниците и училиштата да ги едуцураат своите ученици од областа на финансиите.

Двајцата ученици на гимназија „Кочо Рацин” од Велес, Панова и Инѓилизов, на европското финале учествуваа како претставници на земјава, откако во март годинава остварија најдобри резултати на националниот натпревар, кој го организираше Македонската банкарска асоцијација (МБА) во соработка со Народната банка, Комисијата за хартии од вредност (КХВ) и Министерството за образование и наука (МОН). На националниот натпревар учествуваа околу 300 нивни врсници, откако претходно ја поминаа селекцијата од околу 3000 ученици, којашто се спроведе преку интерни тестирања во училиштата во земјава. По победата на национално ниво, Панова и Инѓилизов посветено се подготвуваа за финалето во Брисел, ползувајќи ги бројните материјали подготвени од МБА, Народната банка и КХВ, како и материјалот подготвен од ЕБФ.

На европско ниво, на Квизот учествуваа над 100.000 ученици на возраст од тринаесет до петнаесет години, од кои околу шеесет беа национални победници, така што како претставници на своите земји се пласираа на финалето во Брисел. Освоеното второ место во Европа, особено во олкава конкуренција и тимови од дваесет и осум земји, е конкретен показател дека интензивирањето на активностите во сферата на финансиската едукација во земјава изминатиов период веќе дава конкретни резултати и придонесува за повисоко ниво на финансиска писменост на младата популација кај нас.

Во овие активности, минатата година активно се вклучи и МБА. Таа и го иницираше нашето учеството на Европскиот квиз на парите, така што приватниот банкарски сектор од земјава уште еднаш потврди дека општествената одговорност е императив во неговото работење и искажа подготвеност сериозно да се заложи за финансиско едуцирање и поттикнување поголема финансиска вклученост на населението. Ангажирањето на Народната банка, КХВ и МОН во организацијата на националното натпреварување и подготовката на националниот тим за учество на европското финале е само една од низата активности на институциите во сферата на финансиската едукација и финансиската вклученост спроведени изминатиов период.

Покрај претставниците на нашава земја, која е дебитант на ова натпреварување, на финалето на Европскиот квиз на парите годинава настапија и тимови на Австрија, Азербејџан, Албанија, Белгија, Германија, Грција, Естонија, Ирска, Италија, Исланд, Летонија, Литванија, Лихтенштајн, Луксембург, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Словенија, Србија, Унгарија, Финска, Холандија, Хрватска, Чешка, Шведска и на Шпанија. Во Брисел се одржаа две натпреварувачки сесии, со прашања на различни теми поврзани со финансиите, како што се штедењето, долговите, каматните стапки и управувањето со ризик.

За време на натпреварувањето, ЕБФ организираше одделен едукативен настан за менторите на националните претставници, на кој беа пренесени бројни идеи за финансиско едуцирање на младите во рамки на наставните и воннаставните активности на училиштата во Европа. На овој настан учествуваа и менторот на Панова и Инѓилизов, професорот Марјан Стојановски и претставничката на МБА, Оливера Ѓорѓиева.

Тимот на Северна Македонија, како еден од победниците на Квизот, покрај одликувањето за освоено второ место на европско ниво, од ЕБФ доби и парична награда од 2.000 евра, наменета за велешката гимназија „Кочо Рацин“. Овие средства, училиштето ќе треба да ги искористи за проекти од областа на финансиската едукација по сопствен избор.

Националното натпреварување во рамки на Европскиот квиз на парите е еден од најмасовните, а можеби и најмасовен, настан од натпреварувачко-едукативен карактер наменет за ученици, организиран во земјава изминативе неколку години. Постигнатиот успех на меѓународно ниво ќе биде дополнителен мотив за уште поголемо вложување во организацијата на ова натпреварување кај нас и во текот на следните години и за испраќање наши претставници на европското финале.