Шарец: ЕУ е најдоброто нешто што и се случило на Словенија

Словенечкиот премиер Марјан Шарец изјави дека членството во Европската унија е најдоброто нешто што и се случило на Словенија во нејзината понова историја, но дека е против федерализација на ЕУ и се залага за прагматична политика со акцент на националните интереси на сојузниците во Европа.

– Членството во ЕУ е најдоброто нешто што ни се случи во поновата историја, иако можеби имавме премногу високи очекувања, рече Шарец во интервју за љубљанскиот весник „Дело“.

Тој вели дека секоја членка ги гледа своите цели и интереси и додава дека Словенија соработува со тие каде што тие интереси се поблиски.

– Тоа е прагматична политика и логично е дека мора и натаму да го гледаме интересот на Словенија како држава, да водиме сметка за тоа што ќе ни донесе корист, а што не, рече Шарец, додавајќи дека „федерализацијата на ЕУ не доаѓа предвид“.

Шарец вели дека некои од проблемите со соседните држави произлегуваат од фактот што кај нив на власт е десницата, додека во Словенија има малцинска влада составена од левицата и либералниот центар.

– Ако имате отворени прашања со вашите соседи, тогаш може да има тензии и наша должност е да реагираме во тие случаи. Тоа не значи дека ние ги заоструваме односите, но должност ни е да реагираме ако се отиде преку линијата. Акој некој каже дека Истра или словенско Приморје се италијански, тогаш јасно треба да се каже дека тоа не е така, истакна Шарец.