Свечена академија – 40 години УКЛО-Битола

Со свечена академија, ретроспективна изложба и концерт на македонскиот виртуоз на гитара Влатко Стефановски, синоќа во Битола беше прославен 25 април, денот кога пред 40 години е формиран Вториот македонски Универзитет, Универзитетот „Св.Климент Охридски“.

Нашите 40 години, рече ректорот професор д-р Сашо Коруновски, се одлична бројка, сосема доволна за да немаме оправдување дека сме почетници, напротив, со сиот кредибилитет да испратиме порака што ќе биде слушната и разбрана.

– Од оној 25 април 1979 година нè делат четири децении. Период во кој што Универзитетот во Битола – името со кое што беше основана оваа втора највисока академска институција во државата, сосема заслужено се замени со името на големиот учител, патронот св. Климент. Ако на почетоците се зборуваше за рамномерен регионален развој со фокус на општествено-политичкиот и социјалниот момент, денес зборуваме за интернационализација, интегрираност во опкружувањето, промовирање на научно-истражувачката работа, за трансфер на знаења и технологии, за обезбедување подобар рејтинг, за вложување во човечките ресурси како двигатели на промените. Овој Универзитет, препознатлив и по акронимот УКЛО, низ сите овие години со прагматизам ги поздрави и се приклучи на бројни иницијативи во насока на осовременување на високото образование на национален и интернационален план, нагласи ректорот Коруновски.

Според првиот човек на битолскиот Универзитет, иако е природно да се биде носталгичен кон едно универзитетско минато, сепак време е да се предвидуваат последиците и да се планира иднината.

– Времињата се менуваат! Денешното време ја менува перцепцијата на нашата мисија и се надминуваат предрасудите што историјата на универзитетите ги всадила во нас. Институциите социолошки гледано, во извесна мера се како луѓето, се раѓаат, се развиваат, раснат, но не мора и не смеат да згаснат. Низ четирите децении на нашето постоење, низ сите растежи и падови, низ кризните и помалку кризни периоди, најзначајно е што сме го прифатиле и сме свесни за фактот дека сме носители на вредности и на извесна визија за општеството, визија што ја остварувале илјадниците дипломирани како што впрочем ќе ја остваруваат утрешните активни граѓани, денешните наши студенти, посочи ректорот Коруновски.

Пред гости од државата и странство тој предочи дека во моментот кога глобализацијата на проблемите и решенијата ги принудува милијарди луѓе да се меѓусебно зависни без да се познаваат, одговорноста на образованието особено на Универзитетот е да едуцира студенти кои силно ќе бидат одбележани со хуманизам и способни да развиваат компетенции.

– Универзитетот треба, а впрочем тоа е мисијата што цивилизацијата му ја доверила, да придонесува кон есенцијалните општествени вредности. Слободата во истражувањето и наставно-образовниот процес се фундаментални принципи во животот на универзитетите, а владите и универзитетите, секој во својот домен на компетенции, треба да го промовираат и гарантираат почитувањето на овој основен принцип. Универзитетот утре, за да се вклопи во ваквата динамика на потреби треба да ја искористи информатичката револуција, транспарентноста, подоброто владеење, новиот модел на финансирање, модернизацијата, да биде одржлив, но и силен, инспиративен, движечка сила во општеството, да ја култивира креативноста и нашата сопствена култура за иновативност. Ние ќе го трасираме патот на оние што утре ќе нé претставуваат. И затоа сите да ја градиме иднината на нашиот Универзитет, порача ректорот Коруновски.

Според востановената традиција, делегации и гости на УКЛО присуствуваа на разни манифестации посветени на јубилејот, се поклонија и положија цвеќе пред споменикот на патронот Свети Климент Охридски, лоциран во дворот на Ректоратот во Битола.