ВИДЕО: Најмалку три лица загинаа во циклонот Кенет во Комори

Најмалку три лица загинаа при удар на тропскиот циклон Кенет, а неколку се повредени на островот Комори, соопштија денеска официјални лица од таа источноафриканската држава.

Ветрот дуваше со брзина од 140 километри на час, кога во текот на ноќта циклонот го погоди Комори, причинувајќи материјална штета на куќи и улици врз кои паднале искорнати дрвја.

Владините канцеларии и училишта денеска се затворени. Циклонот Кенет продолжи денеска во правец кон Мозамбик и јужна Танзанија.

Метеоролозите предупредија за ветрови, кои би можеле да дуваат со брзина од 200 километри на час и поројни дождови во Мозамбик, Танзанија и Комори.

Пред околу еден месец, регионот претрпе големи жртви и материјална штета поради циклонот Идаи, во кој загинаа повеќе од 1.000 луѓе во Мозамбик, Зимбабве и Малави.