Среде епидемија на морбили, во Кичево нема вакцини

Речиси цел месец во Здравствениот дом во Кичево нема вакцини против морбили. Родителите реагираат, бидејќи иако сакале да ги вакцинираат своите деца, процесот секојдневно се одложува, а во меѓувреме, според препораките на Министерството за здравство, тие не можат да ги носат ниту во градинка.

„Минатиот месец донесоа многу мал број вакцини кои веднаш се потрошија. Имаме мали деца, а во градот има заболени од вирусот. Постојано ни кажуваат дека ќе пристигнат вакцини, но не знаеме од кои причини тоа не се случува“, ни изјави родител од Кичево.

Од почетокот на епидемијата во декември 2018 заклучно со 12 април годинава во Кичево се регистрирани 30 случаи на заболени од морбили.

Кога се јавивме во Здравствениот дом во Кичево, ни одговорија дека вакцини нема и не знаат кога ќе има.

„Најдобро е вие вака да се јавувате секој ден, па кога ќе пристигнат ќе ви кажеме за веднаш да дојдете, бидејќи и тогаш не знаеме дали ќе има доволно“, ни рекоа од Здравствениот дом.

Од Министерството за здравство, пак, тврдат дека „дистрибуцијата на вакцини по здравствените домови се спороведува согласно доставени барања од нивна страна до министерството“.

„Во одредени случаи, како епидемијата со мали сипаници, сите установи каде има потреба од дополнителни количини доставуваат барање за дополнителна достава на потребните количини вакцини. На барањето од ЗД Кичево, од страна на Министерството за здравство веднаш е направено дополнување на потребите за првиот квартал од 2019 година, поради прогласување на епидемија на мали сипаници и зголемен број на вакцинирања со MRP вакцина. Дистрибуцијата на овие количини е спроведена“, велат од Министерството за „Макфакс“.

Оттаму, неизвесно останува како во Здравствениот дом во Кичево тврдат дека вакцини нема, а од Министерството се децидни дека е извршена достава.

Тендерот за вакцини за континуирана имунизација и вакцини по епидемиолошки индикации на населението за период јуни 2018-јуни 2020 година беше склучен минатиот месец. Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека веќе има и нови количини од новата набавка.

„До петок ќе бидат дистрибуирани во сите центри за јавно здравје во вакциналните пунктови во здравствените домови, и во овој момент нема некој центар што нема. Залихите од претходната набавка се при крај и вакцини ќе има за сите возрасни групи за кои е препорачано вакцинирањето“, рече Филипче.

Од Институтот за јавно здравје вчера соопштија дека има над 1.000 заболени од вирусот на морбили во повеќе градови, прогласена е епидемија во целата земја и сите деца кои не се вакцинирани ќе им се забрани одење во градинка. Освен овие мерка се намалува и старосната граница за вакцинирање на децата од 12 на 6 месеци. Нема дополнителни мерки за основците и средношколците.

Во моментов на Инфективната клиника се хоспитализирани 55 пациенти,  од кои 26 деца. Во потешка здравствена состојба се 7 од заразените.

Мери Јордановска

Би можело да ве интересира

Министерство за здравство: Не е отворена јавната набавка за мамографи

Досега вакцинирани 32.653 лица со МРП вакцина, минатата недела нови 10 заболени

Ана Ололовска

Последна шанса за Филипче да го набави лекот за болните од мускулна атрофија

Предраг Петровиќ

Единствениот центар за изгореници во Македонија три години беше магацин, сега е градилиште

Маја Илиевска-Пачемска

Анализа: Кои од министрите на Заев се најголемо разочарување за јавноста

Маја Илиевска-Пачемска

МЗ: Задолжително доставување потврди за вакцинален статус при упис во училишни и предучилишни установи

Ана Ололовска