Програмите на претседателските кандидати – веќе чуени фрази испечатени на скапа хартија

Поезија, вицови, анегдоти, гафови и многу ветувања за подобар живот на митинзите и средбите со граѓаните ги одбележаа изминатите две недели од претседателската кампања. Но, мал дел од граѓаните знаат што точно нудат во своите изборни програми претседателските кандидати, нешто што го потврдија и анкетираните граѓани за „А1он“.

Додека во програмата на Пендаровски постојано се споменува Република Северна Македонија, кај Сиљановска програмата се однесува на Република Македонија. Блерим Река, пак, државата во дел од програмата ја нарекува Северна, додека во дел пишува само Македонија. Она што е евидентно е дека програмите на тројцата кандидати тешко би го привлекле вниманието на кој било граѓанин со оглед на тоа што содржат веќе чуени фрази кои ги заборавате веднаш штом ќе ги прочитате.

Пендаровски во својата програма испечатена на квалитетна скапа хартија на 50-тина страници се навраќа на „режимот на Груевски“, што го споменува дури 10 пати во контекст на претседателствувањето на Ѓорге Иванов и на владеењето на претходната власт.

Најмала е програмата на претседателскиот кандидат Блерим Река, околу десетина страници, додека програмата на Сиљановска од 20-тина страници ако сакате да ја прочитате, таа бара во коментар на нејзиниот „Фејсбук“ профил да напишете „2 за Македонија“.

Слоганите на тројцата претседателски кандидати во кампањата соодветствуваат и на најголемиот дел од содржината во програмите. Додека Река, со слоганот „Река за Република“ во својата програма се залага за мултиетничка држава, Сиљановска со слоганот „Правда за татковината“ повеќе се држи до уставните реформи, а Пендаровски најавува обединување, како што гласи и неговиот слоган „Заедно напред“.

Река во својата програма се залага за воведување нова државна функција – потпретседател на Републиката, кој ќе се бира од немнозинската заедница, или иницијатива претседателот на државата да се бира во Собранието со двотретинско мнозинство.

Гордана Сиљановска-Давкова ветува дека ќе иницира уставна реформа со допрецизирање на надлежностите, а намалување на привилегиите на претседателот по истекувањето на мандатот. Ветува зајакнување на дипломатијата, економијата, а нуди и проект – „македонска салата“ како онлајн платформа за промоција на државата преку лични искуства на луѓе во најразлични области.

Стево Пендаровски вели дека најважниот столб во неговата програма е помирувањето и обединувањето, а меѓу проектите кои ветува дека ќе ги реализира во првите осум месеци од мандатот се форум за натпартиски политички дијалог, директни средби со граѓаните, трансформирање на Школата за млади лидери и наместо награда за најдобар млад научник, тој ќе формира фонд за стипендирање најдобри студенти и млади истражувачи.

Меѓу приоритетите на тројцата кандидати се добрите односи со соседните држави, поголем личен ангажман во надворешната политика, стабилност, безбедност, членство во НАТО и ЕУ, како и зголемување на буџетот на армијата.

Во програмата на Пендаровски има многу страници посветени на критика на актуелниот претседател Иванов. Го обвинува дека учествувал во уривање на правната држава, дека е виновен за сеење „зла крв“ меѓу граѓаните, а често се фокусира и на „режимот на Груевски“. Најголем дел тој пишува за придобивките од преспанскиот договор, членството во НАТО и ЕУ.

Сиљановска, пак, во голем дел од програмата се согласува со политиките на Иванов и ставовите за преспанскиот договор, па ветува експертска комисија која ќе ја провери неговата правна одржливост, но различно од Иванов, таа ветува почести обраќања во јавноста пред пратениците и иницирање на повеќе законски измени, меѓу кои за животната средина во делот на загадувањето.

Река во духот на охридскиот договор бара наместо јазик и население од 20% ,во законитe да пишува албанскиот јазик и народ. И тој се залага за правна, а не празна држава и животната средина ја издига на ниво на безбедносно прашање.

До изборите има уште пет дена, а на кандидатите им преостануваат три дена до изборниот молк, за да ги убедат гласачите да го направат вистинскиот избор.

Галена Николовска-Ризвановиќ

Би можело да ве интересира

Имамоглу со убедлива победа на изборите за градоначалник на Истанбул

A1on

Кандидатот на Ердоган го призна поразот на локалните избори во Истанбул

A1on

Анкета: Нова демократија со водство пред Сириза

A1on

Медиумската изборна кампања чинела 3,76 милиони евра, ДИК се откажа од надоместоците

A1on

За партијата на Макрон резултатите на евроизборите не се „ниту победа, ниту пораз, ниту добар резултат“

A1on

Почнаа најавите за можни коалиции по Евроизборите

A1on