Анкета на „Пју“: Американците загрижени од можноста националните малцинства да станат мнозинство

Речиси половина од Американците сметаат дека ако САД станат земја со мнозинство од население кое не е од белата раса, тоа „би ги ослабило американските културни вредности“, покажуваат резултатите од најновата анкета на истражувачкиот центар „Пју“.

Според Бирото за статистика на САД, мнозинството од населението во земјата до 2050 година ќе биде збир од разни национални малцинства, претставници на други раси освен белата, додека белото население ќе стане малцинство. Според истражувањето на „Пју“, 46 отсто од белите Американци стравуваат дека тоа ќе ја ослаби американската култура.

Четвртина од испитаните Латиноамериканци и 18 отсто од Афроамериканците споделуваат слично мислење.

Од друга страна, 50 отсто од црнечкото население и 46 отсто од латиноамериканското сметаат дека таа промена ќе ги засили американските културни вредности.

– Овие резултати сугерираат дека постои загриженост помеѓу белото население за можноста националните малцинства да станат мнозинство во земјата, изјави Рич Морин, постар уредник во истражувачкиот центар „Пју“.

Според истражувањето, околу 40 отсто од испитаните се изјасниле дека ако во земјата националните малацинства стана мнозинство, тоа нема да биде добро, ниту лошо, додека повеќе од една третина укажале дека тоа ќе биде добро.

Околу половина од Американците сметаат дека со мнозинство население од националните малцинства, ќе има повеќе расни или етнички конфликти. На тоа укажале 53 отсто од испитаните бели Американци, додека такво мислење споделува 43 отсто од населението кое не е од белата раса.

Според Бирото за статистика, во моментов повеќе од половина од населението во САД е од белата раса. Се предвидува дека во 2044 година националните малцинства ќе станат мнозинство, додека во 2060 година тие ќе сочинуваат 56 отсто од населението на земјата.

Повеќе од половина Американци изјавиле дека се донекаде оптимисти за иднината на САД, но се песимисти во однос на одредени прашања како државниот долг, достапните здравствени услуги, загадување на околината и политичките поделби.

Анкетата била спроведена лани во декември и анкетирани биле 2.524 возрасни лица.