Мијалков: Контактите и имотот во странство ги имав и досега, не помислувам да бегам

Мојот имот во странство, престојот во Чешка, и наводните мои контакти, ги имав и порано и сега. Под истите околности и веќе ми беше предложена мерка притвор , а овој суд не ги прифати и ми определи други мерки кои јас во изминатата година и пол ги почитував.

Тогаш пред овој суд дадов збор дека нема да помислам на бегство. Поминаа скоро две години такво нешто нема. Јас на тој збор и денес стојам, рече екс директорот на УБК Сашо Мијалков кој по изрекувањето на 3 годишната казна затвор за случајот Титаник 2, по барање на обвинителството му беше изречен и притвор до издржување на казната.

Бранителите на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков на денешната јавна седница на Апелацискиот суд ја образложуваа жалбата за одредениот притвор за Мијалков. Тие истакнаа дека притворот кој е изречен за Мијалков е незаконски и не основан односно дека од страна на обвинителството во барањето за притвор не биле изнесени никакви докази кои укажуваат на можноста Сашо Мијалков да се даде во бегство.

Апелацискиот суд по разгледување на изнесените наоди, најверојатно во текот на наредната недела ќе донесе одлука дали Мијалков до правосилност на пресудата ќе се брани од слобода или ќе остане во истражниот затвор во Шуто Оризари.

Виктор Јованов