Две деца и двајца воспитувачи заразени со смртоносната бактерија МРСА во Чаир

Четири нови случаи на заразени со смртоносната бактерија МРСА се откриени со вонредни контроли во една градинка и во едно основно училиште во Скопје. Заразени се две деца и двајца воспитувачи.

Истовремено мајки породени во родилиштето во Чаир на социјалните мрежи се жалат дека повеќе од три месеци ги лечат бебињата од истата бактерија.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) потврди дека од бактеријата МРСА има четворица заразени за кои веќе инспекцијата излегла на терен, но немаат пријава за бебиња родени Чаир носители на бактеријата.

„ Во ЈОУДГ ‘Снежана’ во Чаир ДСЗИ на четврти март направи вонреден инспекциски надзор по телефонска пријава дека едно дете има позитивен наод во брис од нос на бактеријата МРСА. Земени се 37 брисеви од нос во групата каде што било згрижено детето, на сите присутни деца во групата и на персоналот. Од земените материјали пет се позитивни. Од нив три на Staphylococcus aureus – meticilin rezistenten (МРСА), а два на Staphylococcus aureus. Уште еден случај на дете заразено од бактеријата МРСА Инспекторатот регистрираше со вонреден инспекциски надзор во основното училиште ‘Панајот Гиновски ‘ во Бутел на шести март кај дете од второ одделение кое не посетува настава од 22 февруари. Одделенскиот наставник ги известил инспекторите дека детето што не посетува настава е носител на МРСА, за што приложиле и наод. Земени се брисеви од 21 ученик од одделението и од двајцата наставници“, изјави за „А1он“ Иринка Сотирова – Бухова, директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

И во училиштето и во градинката се преземени санитарно – хигиенски мерки, а од Инспекторатот советуваат континуирано механичко чистење и дезинфекција на објектите, одржување лична хигиена на децата, редовно миење раце и редовно проветрување на просториите каде што престојуваат деца.

Од Министерството за здравство известија дека преку Државниот санитарен и здравствен инспекторат постојано ја следат состојбата со пријавените случаи на заразени со МРСА и известија дека децата и воспитувачите кај кои е изолирана МРСА во нос истиот момент се отстранети од градинката и од училиштето.

За да се исклучи можноста бебиња да е заразат со МРСА од Министерството за здравство велат дека секои два месеци, се прават контроли во Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир.

„ Од јуни 2018 година до сега не е добиен позитивен резултат за МРСА од хемокултура на новороденче, а санитарната инспекција спроведува континуирано контроли на секои два месеци за воздухот и површините во установата. При овие контроли не е добиен позитивен резултат за ваква бактерија“, изјавија од Министерството за здравство за „А1он“.

МРСА е бактерија отпорна на повеќе антибиотици поради што лекарите велат дека тешко се искоренува, а може да предизвика гнојни инфекции на кожата, воспаление на дишните патишта и пневмонија кои може да завршат со смрт.

Маја Илиевска Пачемска

Би можело да ве интересира

Примените со дијареја и повраќање во ОБ Струга пуштени дома, ДСЗИ ќе испитува под која дијагноза се запишани

Ана Ололовска

Досега вакцинирани 32.653 лица со МРП вакцина, минатата недела нови 10 заболени

Ана Ололовска

Од денеска достапен лекот Пирфенидон за пациентите со идиопатска белодробна фиброза

Ана Ололовска

Во Галичник почнува со работа летната патронажна медицинска служба

Ана Ололовска

Во земјава има вкупно 183 амбулантни возила, просечно стари по 11 години

Ана Ололовска

Увидот ќе ги покаже причините за несреќата кај кумановско Черкезе, институциите подготвени да делуваат

Татјана Ташкова