(ВИДЕО) Силјановска: Ако ме изберат ќе ги укинам претседателските привилегии

Професорката на Правниот факултет во Скопје, Гордана Силјановска – Давкова на денешната презентација на кандидатурата пред делегатите на ВМРО-ДПМНЕ на конвенцијата во Струга, рече дека со партијата во неколку наврати им се споиле мислењата и патиштата – на пример за Законот за јазици, Договорот од Преспа и слично, поради што одлучила како независен кандидат да бара поддршка од партијата.

„За мене доказ за реформски и демократски капацитет на една партија е што ја отвори портата за независен кандидат. А не како Заев што зборува за некакви наводни реформи”, рече таа.

Таа рече дека татко и бил партизан, го поминал Февруарскиот поход, делегат во Егејска Македонија и се борел за Македонија – а не за Северна Македонија. Таа се повика на писмото кое што по распаѓањето на Отоманската империја го испратил британски политичар и државен деец Вилијам Гледстон до нашите соседи во кое кажал дека „Македонија е на Македонците”.

„Ако тој го направил тоа уште тогаш, која е логиката ние сега да го немаме правото на самоопределување”, запраша Силјановска.

„Сите нации настанале во 19 век, а нашата судбина била постојано да се бориме за самопределување, и конечно во 1945 година со АСНОМ стануваме држава. И тоа не е млада држава, туку има веќе 74 години”, рече Силјановска.

Таа се осврна и на прашањето околу можниот бојкот на изборите и повика сите да излезат на избори.

„Мислам дека мојот глас ќе допре до секој, вистинско време е за избори. Има нешто посилно од партијата и привилегиите – тоа е Македонија, затоа да излеземе на избори. Затоа што СДСМ создаде хибриден режим, Македонија стана скандалозна држава. Тргна по патот на Макијавелизмот и Чезаре Борџија. Но, јас верувам во максимата на Кант дека можеме да се избориме за највисоката цел. Ако ги бојкотираме изборите, сегашниот претседател на Собрание ќе ја преземе функцијата на прв човек на државата, а во меѓувреме можат да донесат и закон со кој ќе се избере претседател во Собрание. Погубно ќе биде за една држава, една власт се да има во рацете”, рече Силјановска.

Таа рече дека кога ќе ја изберат за претседател, преку пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ќе иницира закон за укинување на претседателските привилегии. Исто така ќе бара да се намали бројот на министерствата.

„Не може една сиромашна држава да има 28 министерства, а Швајцарија да има само седум”, рече таа и додаде: „Ќе се заложам политичарите да го живеат животот на граѓаните”.

Силјановска најави дека доколку биде избрана, ќе формира експертски тим по меѓународно-јавно право, за да се отвори повторно прашањето за името, кое што според неа, се уште не е затворено.

„Чуму ни се меѓународното право и институциите како судот во Хаг, Судот за човекови права во Стразбур и слично, ако не побараме да се испочитува нашето право. Ние не го одбравме името, името не одбра нас. И не можеме да се држиме до заевизмот којшто стана ментална матрица – кажувам, заборавам, негирам” – рече Силјановска.

Таа рече дека нема да го користи селективно правото на вето, ќе работи согласно Уставот и дека за сите работи што ќе ги прави, ќе ги образложува пред пратениците и пред граѓаните.

Габриела Димковиќ-Мишевска

Би можело да ве интересира

Се чека судбината на СЈО за да почне судењето за белата палата

Васко Маглешов

ВМРО-ДПМНЕ: Павле Богоевски треба да излезе и да каже дали е зависник од дрога или не е

A1on

Половина година не може да почне судењето за Груевски и Божиновски за белата палата

Васко Маглешов

Грчева не гласала: Го искористив правото да направам ручек

Пендаровски во Куманово, а Силјановска-Давкова во Валандово и Гевгелија

A1on

Медиумите уште денеска може да објавуваат резултати од анкети

A1on