Конференција: Правата на лицата со попреченост да учествуваат на избори не се привилегија, туку должност на општеството

Констатирано е мало подобрување на можностите лицата со попреченост непречено да ги остваруваат своите права за време на изборните процеси, што е мошне важно за нив, но недоволно за тие да бидат рамноправни со другите граѓани. Лани на референдумот прв пат лица со попреченост биле вклучени во изборниот процес како набљудувачи, условите за тие да го остварат своето гласачко право се разликуваат од едно до друго избирачко место, а во Македонија досега ниту едно лице со попреченост не било пратеник.

Ова беа заклучоците од денешната Конференција за промовирање на учеството на лицата со попреченост во изборниот процес, организирана од Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) и Мисијата на ОБСЕ во Скопје токму во пресрет на утрешниот Глобалниот изборен ден, а со цел да се помогне во подигањето на свеста за ограниченото учество на овие граѓани во јавниот живот и изборниот процес.

Бојана Младеновска, активист за заштита на правата на лицата со попреченост од Инклузива, која себе се претстави како слабовидно лице нагласи дека пречката не е во попреченоста, туку во околината.

„Ние лицата со попреченост сметаме дека пречката не е во попреченоста, туку во околината, за жал околината е таа која постојано ни поставува бариери свесно или несвесно. Нашите права, обврски или потреби не се ниту привилегија, ниту луксуз, туку должност на општеството. Нашата попреченот не е е нешто што не може да се надмине, не е наша кочница, ниту граница“, истакна Младеновска.

Таа имала можност да се најде на двете страни од процесот – неколу пати го остварила своето гласачко право, но и била набљудувач на референдумот од минатата година.

„Постоеја гласачки места каде навистина беа спроведени реформи и кои се обидоа колку што беше во нивна можноста да ги отстранат бариерите за да можат лицата со попреченост, самостојно без да се почувствуваат како граѓани од втор ред, без да бидат нечиј товар да го остварат своето гласчко право. Но бев сведок и на такви гласачки места каде за жал не беше постигнато тоа, можеби ненамерно, можеби од незнаење ако може така да се каже, сепак имаше пропусти. Факт е дека постои подобрување мало, со нас многу значајно, но реалоста е дека треба уште многу да се работи за да се постигнат подобри резултати“, истакна Младеновска.

Им порача на сите оние кои имаат некаква одговорност во општеството и кои не знаат како да им помогнат на овие лица за момент да се стават во нивна кожа.

„Би сакала да ви дадам совет барем за момент да се ставите на место на некое лице кое има некаква попреченост, кога тоа ќе го почувствувате на своја кожа вие многу добро ќе знаете со каков проблем со соочува тоа лице, во каква состојба се наоѓа, кои би биле олеснителните околности, како можете да помогнете, како да придонесете, затоа што на тој начин ќе ја почувствувате тежината на товарот, која ние ја носиме на нашите плеќи“, рече Младеновска.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Клеменс Која нагласи дека централна компонентна на заложбите на ОБСЕ во однос на изборите е сите граѓани да имаат право и можност да учествуваат во политичкиот живот на својата земја.

Напомена дека оваа конференција е можност да се дискутира за факторите, кои го ограничуваат учеството на лицата со попреченост во изборните процеси во земјата, но и да се идентификуваат позитивните мерки, кои ќе овозможат подемократските инклузивни изборни процеси.

Тој ги наброја клучните препораки од ОБСЕ и ОДИХР за изборните циклуси кои треба да се применат за да се подобрат условите за учество на изборите на лицата со попреченост – подготовка и имплементација на инклузивни и недискриминаторски закони, обезбедување на неопходните инфраструктурни, материјални и човечки ресурси со цел да им се овозможи ефективно да го остваруваат своето право на глас и развој и имплементација на сеопфатна образовна програма за оние кои се вклучени во управувањето со изборните процеси – граѓанското општество, медиумите и гласачите со различен тип на попреченост.

„Пристапот до информации е клучен елемент за овозможување на гласачите со попреченост да го направат својот избор. Мисијата на ОБСЕ и понатаму ја поддржува оваа Влада во нејзините заложби во оваа насока“, рече Која.

Лусин Бадалјан, советник за избори во ОДИХР пред учесниците на конференцијата истакна дека правото и можноста на сите граѓани да учествуваат на изборите е клучна поента на заложите на ОБСЕ/ОДИХР.

Таа нагласи дека свесноста за сите недостатоци со кои се соочуваат лицата со попреченост е зголемена изминативе години, а меѓудругото и меѓународната законска рамка е значително промената со усвојување на Конвенцијата за заштита на правата на лицата со попреченост од ОН, кон која пристапиле 54 од 57 членки на ОБСЕ. Сепак, додава таа расположливите податоци покажуваат ниско ниво во целиот регион на ОБСЕ на учество на овие граѓани во изборниот процес и како гласачи, но и како кандидати.

„Тие се соочуваат го голем број пречки за нивното учество и како резултат на тоа се соочуваат со опасноста да бидат маргинализирани и недоволно застапени и на избраните позиции и во процесите на носење на одлуките “, нагласи Бадалјан.

Напомена дека одреден број политичари, кои се лица со попреченост веќе се активни како пратеници во парламентите и додаде дека за унапредување на правата и борбата против стереотипите и дискриминацијата најголема улога имаат граѓанските организации.

Пред присутните се обрати и претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски кој порача дека треба уште многу да се направи за да им се овозможи на овие лица да бидат активни учесници во изборните процеси не само како гласачи, туку и како кандидати на изборите.

„ДИК во овој свој кус период од нејзиното формирање во овој состав направи исклучителни напори за време на организирање на референдумот за да им овозможиме на лицата со попреченост да го остварат своето право на глас. Продолжуваме и понатаму пред претстојниот процес на претседателските избори во нашата организација на овие лица да им се овозможи подобрен пристап до гласачките места“, истакна првиот човек на ДИК.

Република Македонија во 2011 година ја ратификуваше Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп. Конвенцијата е усвоена во 2006 година во седиштето на ОН, а оттогаш ја ратификувале 172 земји во светот.

 

Би можело да ве интересира

Конференција за учеството на лицата со попреченост во изборниот процес

Sandra Boshkovska

(ВИДЕО) ОБСЕ/ОДИХР и ПССЕ: Референдумот генерално мирен и добро организиран

Кристијан Ландов

Претставници на ОБСЕ/ОДИХР во работна посета на АВМУ

A1on

Делегација од Стразбур во набљудувачка мисија на локалните избори во Македонија

А1он

Директорот на ОДИХР, Линк повикува на почитување на парламентот и демократските институции

А1он