Стартуваше второто издание на кампот на Реал Мадрид Фондацијата во Охрид

Вториот интернационален камп на Реал Мадрид Фондацијата вчера и официјално беше отворен во Охрид. Добредојде на децата им посака носителот на лиценцата Влатко Тодев и менаџерот на Реал Мадрид Фондација, г-динот Карлос Касиљас Санчез.

„Мило ми е што сме овде во Македонија и што со нашите тренери од Мадрид, Хуан Андрес Гонзалес и Жоакин Валерио ќе Ви пренесеме дел од фудбалското искуство кое ќе ви овозможи нови знаења. Ќе учиме фудбал, а секојдневно преку едукативните предавања ќе ги имплементираме и основните вредности кои се темел на работата на нашата Фондација. Тоа се лидерство, тимска и напорна работа, почит и самоконтрола”, изјави Санчез.

Денот на играчите им започна со индивидуално и групно фотографирање, а според правилата на Фондацијата, беше одржано и првото предавање на тема лидерство. На отворањето беше прочитано и писмо од општина Охрид во кое се изразува поддршката и реализација на визијата која кон овој камп ја даде прерано починатиот градоначалник Стојаноски.

Со тренинзи тимот на тренери од Шпанија стартуваше во попладневните часови, со традиционалните тест натпревари за согледување на квалитетот со кој располага секој кампер одделно. Децата се поделени во групи според возраст и според фудбалското искуство кое го поседуваат.