Осмото издание на Недела на дизајнот во Скопје почнува денеска, а ќе трае до 25 ноември. Овогодинешната платформа се одржува во Јавна соба и Лукс.
Организаторите наведоа дека оваа година земја фокус е Германија, а ќе се претстави со 12 светски познати дизајн студија, како и отворени презентации на дизајнери.
Меѓународната изложба ЕКСПО годинава ја сочинуваат осум компании од Македонија, 15 млади дизајнери од регионот и две дизајн Академии од Белград со прототипови од маси, столови, штендери, клуб-маси, расвета, фотелји, радијатори, како и декоративни елементи.
На Неделата на дизајнот ќе има и богата музичка програма.
Ќе се одржи и гастрономско катче каде свое кулинарско шоу ќе има популарниот белгиски мастер шеф Марк де Јонг, кој ќе готви заедно со поетесата Марта Маркоска, актерката Ирена Ристиќ и модните менаџери.
На 24 и 25 ноември ќе се одржат две детски работилници на тема „Шумски животни“.
Ќе бидат изложени и производи од експерименталната работилница за дизајн на производи, каде македонски дизајнери и архитекти заедно со осум мастер студенти од Факултетот за продукт и моден дизајн при Универзитетот за уметност во Берлин, предводени од познатата дизајнерка Инекс Ханс, заедно со архитектката Анета Поповска и виртуозот за плетење трска на разбој Петар Благојевски создаваат нови дизајн решенија за домаќинство и угостителство.
Неделата на дизајнот во Скопје е дело на Јавна соба – Центар за дизајн и иновации, во соработка со Делегацијата на германското стопанство со канцеларија во Македонија.