Во Јавна соба утре стартува осмото издание на Недела на дизајн во Скопје, а оваа година дизајнерската платформа ќе се одржува на тема „објективност“, што претставува обид да се разбие заблудата дека еден производ треба да има само атрактивна форма за да може да се изложи и продаде.
Директорот на „Skopje design week“ Александар Велиновски наведе дека на овогодинешната дизајнерска платформа за афирмација и културните и креативни индустрии во регионот ќе се одвиваат шест програмски целини.
– Со голема изложба на земјата во фокус, посебно значење се дава на Германија како велесила во дизајнот, особено во сферата на дизајн на производ. Меѓународната изложба ЕКСПО е составена од домашни производители и млади перспективни дјзајнери од целиот регион кои се во потрага по производители, а присутни се и студентски изложби од две Академии за дизајн, посочи тој.
Тој наведе дека Германија, овогодинешната земја во фокус, ќе се претстави со 12 светски познати дизајн студија, отворени презентации на дизајнерите, посета и соработка со производители од Македонија кои сакаат да настапат на германскиот пазар.
Истакна дека музичката програма ќе ги задоволи сите вкусови.
Во рамки на Неделата на дизајн ќе има и гастрономски катче каде популарниот белгиски мастер шеф Марк де Јонг ќе има кулинарско шоу. Ќе готви дизајнирана храна заедно со поетесата Марта Маркоска, актерката Ирена Ристиќ и и модните менаџери од Скопскиот моден викенд.
На 24 и 25 ноември ќе се одржат и две мултимедијални детски работилници на тема „Шумски животни“, под водство на Дора Локвенец, Марина Таневска и Тамара Димитрова.