Сите болки и пречки во пределот на срцето не потекнуваат секогаш од срцево заболување во вистинска смисла на зборот, односно од некоја срцева мана или слабост.
Во значителен број случаи болките и пречките потекнуваат од ненормална состојба на вегетативниот нервен систем.
Секој дел од телото е под влијание на вегетативниот нервен систем, па така и срцето и другите крвни садови. Задача на овој нервен систем е да го усогласи функционирањето на сите органи и делови на телото.
Вегетативниот нервен систем се состои од два вида нерви: вагус и симпатикус, кои делуваат спротивно еден од друг.
Ако поради некое пореметување, се случи еден од овие системи да стане посилен, во функционирањето на одделни органи можат да настапат многу значајни промени.
Срцето и крвните садови особено се подложни на влијанието на вагусот и симпатикусот. Срцето и крвните садови функционираат нормално само ако делувањето на овие нерви е урамнотежено. Во тој случај крвните садови реагираат нормално и на надворешни влијание, замор, вознемирување… Во спротивен случај срцето и крвните садови реагираат ненормално.
Причини за појава на нервозно срце
Се смета дека во голем број случаи улога игра наследниот и конституционалниот фактор, т.е. некои лица се наклонети на секакви пореметувања, уште од раѓање. Се случува нервоза на срцето да се јави по некои инфективни болести, а познато е дека важна улога играат тутунот и алкохолот. На појавата на овој синдром многу влијаат менталните повреди, умствениот напор, незадоволство, војна, страв итн. Ова влијание особено станува изразено во пубертет и климактериум.
Клиничка слика
Основните знаци на кои болниот се жали се болка во пределот на срцето, отежнато дишење и срцебиење. Болката е особено изразена на врвот на срцето (во висина на брадавицата), а настапува независно од телесниот напор.
Пореметување на дишењето е повеќе субјективно чувство на болниот, бидејќи обично не се забележува никаква промена ниту во длабочина ниту во брзина на дишењето. Работата на срцето може да биде нешто позабрзана, а може да стане и нерамномерна.
Дијагноза и лекување
Со преглед не може да се утврди никаква промена на срцето, крвниот притисок е нормален, а може да биде и намален или зголемен. Овие болни се редовно нервозни, чувствителни, а не е редок случајот да им се тресат рацете. Понекогаш температурата им е малку зголемена.
Важно е овие болни психички да се смират и да се уверат дека нивното заболување не е од тешка природа. Притоа, мора и лекарите да бидат внимателни, да не ја изгубат довербата на болниот, бидејќи во спротивно никакво лекување нема да вреди.