Малала Јусефзаи, младата пакистанка која беше нападната на 9 октомври минатата година кога се враќала дома од училиште и тоа затоа што “промовирала секуларизација”, за прв пат, после речиси смртоносниот напад, даде видео изјава.
Да потсетиме, талибанците ја застрелаа во главата и вратот и беше подложена на неколку тешки операции што и го спасија животот. Од болницата во Бирмингем, каде што беше подложена на лекарски третман од средината на октомври минатата година, кон крајот од јануари, беше пуштена дома. И понатаму борави во Велика Британија.
Во својата прва изјава за медиумите по нападот, 15-годишната Малала наведува дека се опоравува и дека и е “подобро од ден на ден”, пренесува АП.
“Денес, можете да видите дека сум жива, можам да зборувам, можам да ве видам… Сето ова е поради молитвите на многу луѓе. Господ им одговори и ми даде нов живот. Втор живот. И сакам да им служам на луѓето, сакам секое девојче, секое дете да биде едуцирано. Затоа и ја основавме Фондацијата Малала”.