На последниот ден на деветтото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи панел-дискусија „Улогата на филмот во деинституционализацијата“.
Во Музејот на современата уметност денеска од 14 до 16 часот ќе присуствуваат професорот по социјална работа од Словенија Вито Флакер, режисерот на филмот „Денови на лудило“ Дамијан Ненадиќ, режисерка на филмот „Причест“ Ана Замецка и авторките на кратките документарни филмови на првата генерација „Докуникулци“ на „МакеДокс“.
Публиката претходните две вечери ги проследи трите документарци на првата генерација „Докуникулци“, која произлезе од минатогодишната летна филмска школа на „МакеДокс“.
Краткиот документарен филм „Адолесцензура“ (Македонија, 2018, 14 мин.) на Леа Димитрова ги откри главните проблеми со кои се соочуваат младите во државата. Погледнати низ призмата на три другарки кои немаат забранети теми меѓу себе, филмот ги открива темите за кои не смеат да зборуваат пред другите и се принудени да воспостават сопствен режим на автоцензура. Филмот ги руши тие бариери.
Младата Јоана Арсовска во филмот „Поглед во очите“ (Македонија, 2018, 24 мин.) храбро зборува за својот живот пред и по ужасот наречен сексуално насилство. Во филмот се појавува уште еден анонимен протагонист, но пораката што Јоана ја испраќа после сѐ што доживеала е дека не треба да се гледа кон минатото, туку погледот на очите треба да се упати само напред, кон иднината.
Премиерата на документарниот филм „Поинакви“ (Македонија, 2018, 24 мин.) на Розе Симоновска се одржа вчера во Куршумли-ан. Филмот открива дел од секојдневјето на Јордан од Велес. Тој е лице со посебни потреби, но режисерката низ комуникацијата со него на гледачите им открива дека Јордан е лице со сосема вообичаени потреби – сака да рецитира поезија, да слуша музика, да игра кошарка. Но, проблемот е што не успева да најде друштво во блиската околина и осуден е по цел ден сам да седи на компјутер. Филмот „Поинакви“ отворено зборува за проблемите при социјализацијата на лицата со аутизам.
Во Музејот на современата уметност вчера заврши втората работилница на темата „Режирање реалност“ со полскиот автор Војцех Старон. Во текот на трите дена беа прикажани документарните филмови „Сибирска лекција“, „Аргентинска лекција“, „Дон Жуан“ и „Браќа“.
Со средба „Под смоквата“ со полските автори присутни на „МакеДокс 9“ ќе биде означен крајот на програмата – Земја во фокус, која беше најавена со „Полскиот пикник“ пред фестивалот, а во рамки на програмата беа прикажани 12 современи документарни остварувања. Средбата со Ана Гавлита, Томаж Волски, Ана Замецка и Војцех Старон ќе се одржи во 18 часот.
Наградите на „МакеДокс 9“ ќе бидат доделени вечер, во 20 часот, во Куршумли-ан. Статуетките на сите пет награди се дело на словенечкиот академски скулптор Примож Селишкар.
По церемонијата на доделување на наградите ќе бидат прикажани филмовите „Елегии за кодахромот“ на Џеј Розенблат, „Рагу Раи – Неврамен портрет“ на Авани Раи и филмот „Лица, места“ на 89-годишната Агнес Варда. На платото пред Куршумли-ан во 20:30 часот ќе биде прикажан документарниот филм „Барут и сјај“ на Виктор Јаковлески.
Деветтото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм, Програмата МЕДИА на Креативна Европа, Фондацијата за развој на демократијата од Вашингтон (National Endowment for Democracy) и Град Скопје. Партнери на „МакеДокс“ се „Петра Пан“, „Кино Култура“, Младинскиот културен центар и Кинотеката на Македонија.