Малала Јусафзаи, 15-годишната Пакистанка позната по своето залагање за образование на девојчињата, која го преживеа нападот Талибанците и стана симбол на отпорот кон муслиманскиот екстремизам, наскоро ќе се подложи на операција во која треба да и биде реконструиран нејзиниот скршен череп и оштетениот слух.
Во наредните 10 дена Малала ќе биде подложена на тричасовна интервенција во текот на која преку големата дупка на нејзиниот череп ќе биде прицврстена титаниумска плочка, додека во увото ќе и биде вграден кохлеарен имплант, како замена за уништеното ушно тапанче.
Јусафзаи во октомври минатата година, беше три пати погодена со огнено оружје од непосредна близина, а еден куршум ја погоди во левата веѓа и помина низ целата глава. Самиот куршум не го оштети черепот, но ударниот бран ги скрши најтенките коски на черепот и ги оштети меките ткива на вилицата и вратот.
Лекарите во Пакистан и го спасија животот отстранувајќи и дел од черепот, со што е намален притисокот врз мозокот, отечен од ударниот бран. По оваа интервенција на нејзиниот череп остана голема дупка, околу една третина од површината, која сега ќе биде покриена со хируршка интервенција позната како краниопластика.
Пакистанските доктори, отстранетиот дел од черепот го ставија во нејзиниот стомак, со надеж дека ткивото ќе остане живо и дека ќе може да се врати на место, но британските хирурзи одлучија коската да ја заменат со титаниумска плочка. Плочката со дебелина од 6 mm ќе биде прикачена на черепот со завртки, а потоа преку неа повторно ќе се растегне и зашие кожата.
Во тричасовната операција ќе присуствуваат девет членови на медицинскиот персонал на болницата во Бирмингем, од кои двајца неврохирурзи и консултант за пластична хирургија и изгореници. Се очекува дека девојчето по операцијата брзо да се опорави.