Целосна ревизија на системот во кој е организирано вработувањето на лицата со попреченост со цел спречување злоупотреби, но и овозможување дополнителни услови за пристап до вработување на овие лица, најави денеска министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
– Ние како Влада и како Министерство сме подготвени да пристапиме кон комплетна ревизија на целокупниот систем со кој е организирано вработувањето на лицата со попреченост. Ревизијата би била во насока на подобрување и полесен пристап до вработување на лицата со хендикеп, како и корекција на се што би се третирало како бариера во реализирањето на потребите на вклучувањето на лицата со попреченост во јавниот живот, рече Ристовски на промоцијата на проектот „Способност версус Неспособност“.
Министерот за труд и социјална политика најави дека ќе се контролира и работата на заштитните компании кои со средства од државата се стимулираат да вработуваат лица со попреченост.
– Точно е дека постојат обвинувања дека постојат злоупотреби на лицата со попреченост. Токму заради тоа се пристапува кон проверка и ревизија на целото системско решение, но многу е подобрена состојбата од 2009 година кога средствата почнаа да се исплаќаат доколку оној што вработува вакви лица донесе потврда од УЈП за исплатени средства за придонеси, рече Ристовски.
Постоечкото законско решение за вработување инвалидни лица, смета Звонко Шаврески од невладината организација „Полио Плус“, во најголем дел се фокусира на зашитните компании, а помалку на јавната администрација или поголемите приватни компании. Тоа, рече, е нешто што треба да се менува.
– Ние мислиме дека тоа не е доволно дека тој модел можеби на почеток дава резултати, но, сепак, ги гетоизира лицата со хендикеп затоа што сметаме дека тие може да се вклучат и во јавниот сектор и во големите приватни компании, рече Шаврески.
Додаде дека и оваа организација, која денеска прослави 13 години од постоењето, и натаму ќе продолжи да делува за подобрување на состојбата на лицата со попреченост.
– Во почетокот се фокусиравме на правото на мобилност и движење, сега, по 13 години, сме како движење за правата на лицата со попреченост. Сите проекти што ги спроведувавме се камчиња во мозаикот за подобрување на правата. Не знам колку добро ги наместивме камчињата, но знам дека има уште многу да се работи, рече Шаврески.
Тој осврнувајќи се на денеска промовираниот проект, кој е поддржан од ЕУ, рече дека ќе се спроведува годинава и ќе биде фокусиран на лицата со попреченост, односно можностите како да се подобри законската рамка и вработувањето на овие лица.