Светска Банка подготвува нов круг партнерска помош за Република Македонија за следните четири години, при што, како една од приоритетните области, детектирана е одржливата животна средина и климатските промени.
Ова денеска било истакнато на работната средба на министерот за животна средина Садула Дураки со директорот на Светска Банка за Македонија и Косово Марко Мантованели и високиот специјалист за социјален развој Беким Имери, соопштија од Министерството за животна средина и просторно планирање..
На средбата се разговарaло за статусот на тековните заеднички активности кои се интензивираа во изминатиов период, но и за активностите кои следуваат. Посебен фокус бил ставен за предизвиците од загадувањето на воздухот земајќи го предвид растечкиот интерес за справување со проблемот не само на национално, туку и на регионално ниво, но и на водите и цврстиот отпад.
Соговорниците констатирале дека на повидок се и резултатите од интензивираната соработка, односно дека веќе е во финална фаза изработката на Студијата за управување со квалитет на воздухот на регионално ниво на Западен Балкан, во која се опфатени Македонија, Косово и Босна и Херцеговина.