Капитенот на репрезентацијата на Шведска, Андреас Гранквист ќе го пропушти раѓањето на детето, за да игра в сабота против Англија во четвртфиналето на Светското првенство во Русија.
Сопругата на дефанзивецот требаше да се породи со второто дете во вторникот, еден ден по победата на Шведска над Швајцарија со 1:0 во осминафиналето.
Триесет и тригодишниот Гранквист изјави дека со неговата сопруга се подготвени за оваа ситуација.
– Планирам да останам тука и да играм против Англија. Мојата сопруга е силен човек и бевме свесни за сето тоа уште пред почетокот на Светското првенство. Ништо не се сменило. Нема да го пропуштам четвртфиналето, изјави шведскиот репрезентативец.
Гранквист не е единствениот играч кој стана татко за време на Мундијалот. Фудбалерот Фабијан Делф се врати во Англија, за да присуствува на раѓањето на третото свое дете.
Дефанзивецот на Данска, Јонас Кнудсен исто се врати во својата татковина, за да ја види неговата ќерка, која се роди три недели предвреме.