Рускиот претседател Владимир Путин ќе присуствува на свеченото отворање на Светското фудбалско првенство денеска на стадионот „Лужники“ во Москва, по што ќе го следи натпреварот меѓу домаќините Русија и Саудиска Арабија (почеток 17 часот), соопшти „Кремљ“.
На свеченото отворање ќе присуствуваат повеќе од 20 светски лидери, меѓу кои и претседателите на Белорусија, Боливија, Казахстан, Молдавија, како и премиерите на Ерменија и Либан, Саудискиот принц, пренесува „Тасс“.
Фудбалскиот Мундијал за прв пат се одржува во Русија, а натпреварите ќе се играат од 14 јуни до 15 јули на 12 стадиони во 11 руски градови – Москва, Санкт Петербург, Казан, Нижни Новгород, Саранск, Калининград, Волгоград, Екатеринбург, Самара, Сочи и Ростов-на-Дон.
Светската фудбалска организација ФИФА соопшти дека продала 2,5 милиони билети ширум светот. Повеќе од 870.000 билети се купени од страна на Русите, Американците 90.000, а Бразилците над 72.000 билети.
Организација на Светското првенство Русија чини околу 12 милијарди долари.