Индустриското производство во април годинава во однос на април лани бележи раст од 1,5 проценти, додека во периодот јануари – април 2018 година, во однос на јануари – април лани растот изнесува 4,2 проценти, објави Државниот завод за статистика.
Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење камен во април 2018 година, во однос на април 2017 година, бележи опаѓање од 5,5 проценти, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 3,1 отсто, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 1,9 отсто.
Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство на текстил, фабрикувани метални производи, освен машини и уреди, електрична опрема, производство на машини и уреди, неспомeнати на друго место, производство на моторни возила, приколки и полуприколки и производство на мебел.
Според главните индустриски групи, производството во април 2018 година, во однос на април 2017 година, бележи пораст кај Капитални производи за 21,2 отсто и Трајни производи за широка потрошувачка за 67,9 отсто, додека опаѓање бележи кај Енергија за 5,5 отсто, Интермедијарни производи, освен енергија за три отсто и нетрајни производи за широка потрошувачка за 6,6 отсто.