Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп дефинитивно не беше расположен за коментари по поразот од Реал Мадрид во финалето на Лигата на Шампионите во Киев со 1:3.
„Црвените“ го почнаа подобро натпреварот, но потоа го загубија Мохамед Салах, а голманот Лорис Кариус направи голема грешка и му овозможи на Карим Бензема да го отвори резултатот. Ливерпул израмни, но резервата Герет Бејл повторно ја врати предноста на Реал, а нова грешка на Кариус по удар од далечина на Велшанецот го реши исходот од натпреварот.
– Момчињата се обидоа со се, но тоа не беше најдоброто сценарио што ни се случи вечерва. Се беше многу убаво до оваа вечер. Имавме голема шанса, но не успеавме да ја искористиме. Тоа е. Никогаш нема да дознаеме што ќе се случеше ако Мо Салах останеше на теренот, прокоментира Германецот.
Менаџерот на Ливерпул го израмни антирекордот на Ектор Купер и Арсен Венгер, откако Ливерпул загуби во финалето. Германецот стана третиот менаџер во историјата, кој ги губи првите три финалиња во европските клубски турнири.
За Клоп, поразот во финалниот меч исто така е шести од вкупно седум финалиња, во кои тој бил тренер.