Денеска во Свечената Сала во Владата на Република Македонија за прв пат Владата на Република Македонија и бизнис заедницата потпишаа Меморандум за формално воспоставување на јавно приватен дијалог.
Меморандумот за соработка претставува голем чекор во процесот на градење стабилна и плодна соработка помеѓу Владата на Република Македонија и бизнис заедницата како и зајакнување на дијалогот меѓу јавниот и приватниот сектор.
Bоведни обраќања имаа Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, Директорот на канцеларијата за развој на УСАИД, Едвард Гонзалес, претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија Данела Арсовска и директорот на Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива Љубомир Димовски.
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев истакна дека јавно приватниот дијалог овозможува структуриран пристап, со учество и инклузивност на главните засегнати страни во креирање на политиките во насока на реформи на владеењето и за реформи на амбиентот за создавање стимулативно деловно опкружување.
„Како Влада која промовира демократско и отворено владеење, сметаме дека само енергичен придонес на приватниот сектор во меѓусебниот дијалог, вашето учество во креирање политики, заложбата кон подобрување на квалитетот на претставувањето на бизнисот и усогласеност со демократските институции, можат да бидат предуслов за добро владеење и оддржливи реформски измени“, изјави Заев.
Директорот на канцеларијата за развој на УСАИД, Едвард Гонзалес во Македонија во своето воведно обраќање истакна дека е зголемен дијалогот меѓу Владата на Република Македонија и приватниот сектор во последните месеци.
„Денешниот Меморандум е пример за зголемување на дијалогот, станува збор за договор помеѓу Владата на Република Македонија и четирите стопански комори кои ја претставуваат бизнис заедницата. Коморите поаѓајќи од заедничките интереси во застапување на компаниите заедно со Владата на Република Македонија ќе ги градат политиките кои ги засега секој сектор во стопанството, особено микро, малите и средните претпријатија“ истакна директорот на канцеларијата на УСАИД, Гонзалес.
Претседателот на Сојузот, Данела Арсовска, истакна дека јавно приватниот дијалог е основа за економски напредок.
„За прв пат денес почнуваме нова страница за деловната заедница со потпишување на овој договор, со воспоставување формален механизам за рамноправно учество на Владата и приватниот сектор во јавно приватно партнерство и дијалог. Поставивме критериум за генерациите кои доаѓаат, а овој договор претставува форма преку која трајно ќе се унапреди институционалната соработка со цел развој на националната економија. За приватниот сектор овој успех е само почеток на напорната работа која предстои“, изјави Арсовска.
По презентацијата на спроведена анкета и истражување на четирите стопанските комори која ги нотира барањата и размислувањата на бизнис секторот се отвори дискусија во која претседателите на стопанските комори споделија ставови и размислувања.
Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев рече дека потпишувањето на меморандумот ја официјализира одличната соработка што Владата на Република Македонија со сите стопански комори.
„На терен сме и ги слушаме потребите на бизнис секторот.Ако ја раздвижиме економијата ќе обезбедиме и подобар животен стандард за граѓаните. Водиме инклузивни политики и законите ги носиме низ дијалог со стопанството. Мерките за поддршка на инвестициите произлегоа од потребите на стопанството. Очекувам голем број на компании да палицираат по мерките од Планот за економски раст кој беше донесен во Собранието на Република Македонија и по чии мерки компаниите веќе може да аплицираат“ потенцираше вицепремиерот Анѓушев во своето обраќање.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески во своето обраќање порача дека е создаден поволен амбиент заедно Владата и бизнис секторот да ја зголемат соработката за надминување на состојбите посебно во делот на успешна имплементација на законските решенија.
Неби Хоџа, претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија ја истакна важноста на денешното потпишување на меморандум за јавно приватен дијалог како важен чин на официјализирање на партнерството помеѓу владата и бизнис секторот за надминување на предизвиците.
Драган Чепујноски од Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) порача дека многу е важно сите фактори да бидат вклучени во подобрување на климата за економска соработка и во крерањето на функционална, ефикасна и ефективна законска рамка.