Фернандо Алонсо постигна импресивен триумф на Светското првенство за издржливост откако победи на натпреварот „6 часа на Спа“.
Заедно со поранешните возачи на Формула 1, Себастијан Буеми и Казуки Накаџима, Шпанецот триумфираше со еден од тимовите на Тојота.
Тој го управуваше хибридниот автомобил на крајот, завршувајќи само со секунда и половина предност пред другиот тим на јапонскиот производител, кој на овој начин се израдува на двојна победа.
– Среќен сум. Сакам да поспијам на подиумот, рече Алонсо, кој последен пат победи во трка во Формула 1 во 2013 година со тимот на Ферари, а во последниве години се бори со бавниот автомобил на Мекларен.
Во јуни, двократниот светски шампион ќе се обиде да освои нова победа во шампионатот за издржливост, бидејќи тогаш ќе се одржи „24 часа Ле Ман“.