Борбата со меѓунардниот тероризам ќе биде една од главните теми на годинешниов Самит Г-8.
Премиерот Дејвид Камерон кој е домаќин на Самитот на осумте најголеми и најмоќни економии во светот, ја повика меѓународната заедница за „координиран и остар одговор“ на тероризмот што го вршат разните групи на исламистичките милитанти, инспирирани од делувањето на Ал Каеда.
Самитот Г-8 оваа година се одржува во Северна Ирска, во ексклузивниот голф центар кај Енискилен, во југозападниот дел на оваа британска покраина, во близината на границата со Република Ирска.
Повикот на Камерон до меѓународната заедница, одново да се фокусира на пресметката со тероризмот, доаѓа по трагичниот биланс на заложничката криза во Алжир во која беа убиени четириесетина странски работници, ангажирани од нафтените компании БП и Статоил, да работат на наоѓалиштето за гас и во фабриката за преработка на гасот, во југоисточен Алжир.
Припадниците на филијалата на Ал Каеда во Северна Африка, беа убиени и четворица Британици, за кои алжирските власти соопштија дека биле ликвидирани, со пукање во глава од непосредна близина.
Камерон потврди дека Велика Британија ќе се фокусира на борбата против тероризмот, инвестирајќи повеќе во специјалните сили, во кибер безбедноста, беспилотни летала и интензивирање на разузнавањето, а помалку кон интервенции со конвенционалните сили.
Регионот на Северна Африка е означен како новото жариште во кое делува Ал Каеда, откако оваа терористичка мрежа инсталираше свои филијали во Јемен и во Сомалија.