Постапките за издавање на електронските одобренија при градење да се почитуваат во целост за да не се одолговлекуваат инвестиците во градежништвото, рокот за повластената стапка од пет отсто за ДДВ при прва продажба на станови да се продолжи до 2023 година и да се направат измени на клучните закони со кои ќе се помогне и забрза градежната активност.
Тоа го побараа бизнисмените од Градежната комора при Сојузот на стопански комори денеска на средба со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Согласно најавениот буџет и инвестиции од Градежната комора велат дека очекуваат стабилизирање и подобрување на состојбата во градежништвото.
– Она што е особено важно за градежните компании во делот на Закон за градење е максимално почитување на роковите за издавање градежни дозволи со цел да не се пролонгира процесот на градба што значи дополнителен трошок и за компанијата и за граѓаните и сите инволвирани во процесот, рече Ивица Јакимовски, претседател на Градежната комора при ССК на прес-конференција по средбата.
За исполнување на барањето за пролонгирање на рокот за повластената даночна стапка за становите веќе добиле ветување од власта, а потврди денеска изнесе и Сугарески. Бараат поскоро да се изгласа законот, а целта, појасни Јаќимовски, е да не се дојде до позиција повторно да поскапат становите што ќе има контраефект и ќе се намали изградбата.
Од Сугарески добиле добар сигнал во делот на нискоградбата каде, потенцираше Јаќимовски, реално почнуваат инвестиции во патната инфраструктура што ќе го придвижи секторот. Подготвени се за најавените проекти од инвестицискиот циклус од 270 милиони евра во патната инфраструктура кој им го претставил ресорниот министер.
– Потребно е да се постави одредена динамика во која точно ќе се знае обезбедената инвестиција, динамичката реализација, начинот на плаќање, редовно сервисирање во делот на плаќање, редовно извршување на обврските кои се предвидени каде влегуваат и временските услови, рече Јаќимовски и укажувајќи дека ќе нема пролонгирање на рокови ако сите се придржуваат до динамичкиот план.
Сугарески оцени дека комората иницира сериозни работи за законската регулатива и најави дека ќе бидат земени предвид предлозите за измени на законите за градење, урбанистичко и просторно планирање, за градежно земјиште…на кои се работи интензивно.
– Нашата цел е да излеземе во пресрет на барањата особено во делот на олеснување на процедурите во делот на Законот за градење и сите правилници и подзаконски акти, рече Сугарески.
Тој не очекува никакви проблеми во претстојните активности во патната инфраструктура за што се обезбедени финансии. Не смеат да се дозволат нетранспарентни тендери и фавориизрање. Домашните компании терба да бидат максимално вклучени во сите проекти, но низ транспарентна постапка, порача Сугарески.
На членките на Градежната комора покрај од патната им ги претставил и капиталните прокети од железничката инфраструктура и активностите за гасификацијата.