Авион со 150 патници полета од меѓународниот аеродром во градот Ербил, во ирачки Курдистан вчера вечер, носејќи ги патниците на аџилак во Саудиска Арабија. Ова е првиот лет што ирачките власти дозволија да полета од Ербил од септември, кога аеродромот беше затворен како резултат на курдскиот референдум за независност.
Ирак и соседните држави, Иран и Турција, остро се спротиставија на референдумот за независност на ирачките Курди, и една од мерките што ги преземаа беше забрана за меѓународни летови.
Властите во Багдад се согласија да го ублажат ембаргото за да им овозможат на неколку илјади ирачки Курди кои се пријавија да го извршат аџилакот умра, да можат да ја посетат Саудиска Арабија.
Ирачкиот премиер Хајдер ал Абади најави дека ембаргото може целосно да биде укинато во текот на март, во чест на пролетниот фестивал Невроз.