На еден од најубавите натпревари на Европското првенство, Англичаните во дуел со Шведска стигнаа до триумф од 3:2, приклучуваќи им се на Французите на врвот во Групата Д.
Во првиот дел Англичаните до предноста стигнаа со голот на Керол во 23. минута, кој мајсторски со удар со глава го искористи одличното нафрлување од десната страна на Стивен Џерард.
Во второто полувреме како на теренот да истрча комплетно нов тим во „жолто-сино“ со дополнително засилен мотив. Агресивната контрола на средината на теренот им се исплатеше на Швеѓаните кои веќе по четири минути стигнаа до израмнување. По ударот на Олаф Мелберг, Глен Џонсон ја зафати топката постигнувајќи автогол за израмнување. Не застанувајќи тука во 59. минута Шведска доаѓа до комплетен пресврт со погодокот со глава на Мелберг.
„Гордиот албион“ се чинеше во тие моменти дека е комплетно разбиен, на местото на Милнер во 61. минута влегува Тео Волкот кој е креаторот на нов пресврт на средбата. Најпрво во 64. минута постигна гол со удар од околу 20 метри за ново израмнување на резултатот, а потоа со асистенција му сервираше на Велбек ситуација од која постигнувајќи мајсторски погодок донесе триумф за борба во последното коло со Украинците за пат кон четвртфинале.
Шведска со овој пораз ги загуби шансите за прогрес.