Финансискиот систем е стабилен, со минимални системски ризици. Краткотрајната нестабилност предизвикана од домашните политички превирања во април и мај минатата година е целосно надмината, заклучи на денешната седница Комитетот за финансиска стабилност.
Според министерот за финансии Драган Тевдовски, финансискиот систем е стабилен, функционира нормално, и ќе обезбеди поддршка за раст на македонската економија. Главно нешто што правиме кај фискалната политика, посочи, е да обезбедиме стабилност и економски раст.
– Првпат од кризата, во последните осум години имаше пад на намалување на државниот и јавниот долг во релативен износ. Обезбедивме еврообврзница во најоптимално време и по најдобри можни услови, а според последните податоци враќањето на повратот на ДДВ кон фирмите се врши неселективно и брзо. Ако ги погледнете месеците јануари и февруари годинава, во однос на истите месеци минатата година, повратот на ДДВ е поголем за 1,4 милијарди денари или за 56 проценти. Тоа значи дека бргу се враќа ликвидноста во фирмите, тие да работат, имаат активност и да инвестираат, изјави Тевдовски.
Според гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Димитар Богов, ризиците во банкарскиот систем се минимални. Банките со својата висока капитализираност и ликвидност се стабилни и отпорни на шокови.
– Сето тоа упатува дека банкарскиот сектор е особено добро капитализиран, високо ликвиден и подготвен да ја поддржи македонската економија, изјави Богов.
Неоходно е, порача, да се врати довербата кај инвеститорите.
– Условите се стабилни веќе подолг период, банките се високо ликвидни и неопходно е да се врати довербата кај инвеститорите, да се зголеми побарувачката за кредити, а банките се подготвени и може да ги испорачаат кредитите, но потребни се квалитетни проекти и посилна инвестициска активност, дополни Богов.
Монетарната поставеност, како што појасни, ќе зависи од монетарната политика во еврозоната, како и од тоа каква ќе биде фискалната политика, политичката стабилност и каков е платниот биланс односно состојбата на девизниот пазар. На тие клучни пунктови моментно има доста поволни движења.
Ова е петта седница на Комитетот, кој е тело формирано од Министерството за финасии и НБРМ. Станува збор за форум на кој двете институции дискутираат за клучни прашања поврзани со финансискиот сектор и е во насока на одржување на добрата комуникација и координација меѓу нив.