Дебатата за Предлог-законот за јавни набавки меѓу стопанствениците и предлагачите на законот денеска продолжи во Штип. Целта е да се слушнат сите мислења и сите засегнати страни да се вклучат во процесот на носењето на овој нов закон. Од таа причина претходно се организираа дебати и во Скопје и Струга.
Во насока на вклучување на бизнис заедницата во процесот, стопанствениците во текот на дебатите даваат свои сугестии за текстот на законот. Иако законот е подготвуван врз основа на видувања и барања на бизнис секторот, Министерството за финансии ќе ги разгледа предлозите кои ќе произлезат од дебатите и доколку соодвествуваат со европската регулатива ќе ги имплементира во текстот.
– Од овој Закон очекуваме да ја зголеми транспарентноста на постапките. Во исто време тој треба да ја подобри ефикасноста, да стави акцент на најдобрата економска понуда, да ги поедностави постапките и да обезбеди услови за реална конкуренција. Има нови постапки, нови начини и алатки, особено во делот на електронски јавни набавки, има нови вредносни прагови за примена на законот, но и зајакната контрола и транспарентност – истакна министерот за финансии Тевдовски на јавната дебата која се одржи денеска во Штип, во организација на ЕПИ Центар во рамки на проектот на УСАИД “Партнерство за подобра бизнис регулатива“ и во соработка со стопанските комори.
Тевдовски најави и интензивни активности кои ќе доведат до квалитетно подобрување во системот на јавните набавки, но и до подобрување на деловната клима.
– Ќе треба да се направи надградба на електронскиот систем за да се прилагоди на новите решенија, како и да се воведе електронскиот пазар на мали јавни набавки. Исто така, се планира изготвување посебен закон за набавките од областа на одбраната и безбедноста. Ова е нешто што Европската комисија го нотира повеќе години наназад поради неусогласеноста со соодветната директива за овој вид набавки – ави министерот.
Законот се очекува да се усвои во октомври, а да се применува од јануари следната година.