Друштвото на писателите на Македонија е асоцијација на уметници со најдолга традиција на дејствување во земјава, кое во изминатите седум децении обедини 540 писатели со различни естетски определби кои творат во различни книжевни жанрови и пишуваат и објавуваат на својот мајчин јазик, рече претседателот на ДПМ Веле Смилевски во речта по повод 71-виот роденден на македонската писателска асоцијација.
Најавувајќи го редовното изборно собрание во април, Смилевски истакна дека треба да им се даде можност на, како што рече, оние колеги и колешки кои имаат мотив, желба, енергија и знаење да ја трасираат патеката на асоцијацијата во осмата деценија на нејзиното постоење.
– Со задоволство можеме да констатираме дека Друштвото на писателите на Македонија има такви потенцијали, а на членовите на оваа асоцијација им останува да ги изберат најдобрите…, рече Смилевски, нагласувајќи и дека по четири години раководење на ДПМ на новото Претседателство ќе му остават во наследство стабилна финансиска состојба, а до април нема да потрошат ни денар од буџетот за 2018 година.