Талибанските бунтовници во Авганистан ја осудија француската воена интервенција против вооружените исламистички групи во Мали, предупредувајќи оти тоа ќе има катастрофални последици.
Талибанците на својата интернет страница нагласија дека Франција треба да „ја научи лекцијата од пропаднатите војни во Авганнистан и Ирак“.
– Кога Франција неодамна почна со процесот на повлекување од Авганистан, изгледаше дека француската Влада ќе го прошири својот антивоен став и на другите региони во светот. Но Францијја ја прекрши својата заложба за мирот и изврши воено злосторство на територијата на северно Мали, изјави портпаролот на талибанците Забихилах Муџахид.
Според него Франција покренала војна против муслиманите во Мали без никаква правна основа.
Шефот на француската дипломатија Лоран Фабиус претходно изрази уверување дека присуството на француските војници во Мали нема да го поттикне регрутирањето на екстремистите поврзани со Ал Каеда во регионот и додаде дека во кампањата во оваа земја ќе помогнат и земјите од Персискиот Залив, со опрема или парично.
Тој рече дека кон крајот на месецот донаторите ќе разговараат за финансирањето на африканската иницијатива против борците поврзани со Ал Каеда.