Селекторот на Словенија, со чија репрезентација Македонија го отвора Европското ракометно првенство, Веселин Вујовиќ верува дека неговите ракометари можат да ја победат Македонија и покрај сериозните проблеми околу составот.
Вујовиќ смета дека ги знае можностите на македонските репрезентативци и смета дека брзата игра е предност која Словенија треба да ја искористи.
– Македонија игра бавно и позиционо во нападот. Тие ретко прават технички грешки што им дава поголема предност на теренот. Нам ни останува да го наметнеме брзото темпо на игра. Мислам дека тоа е вистинското решение за да го добиеме противникот. Ги знам нашите предности и ќе се обидам тоа да им го наметнам на моите ракометари на теренот, изјави црногорскиот стратег на клупата на Словенија.
Составот на Словенија се соочува со неколку повредени играчи пред дуелот со Македонија, додека во нашиот состав се е во најдобар ред, а атмосферата е на високо ниво.
Селекторот на македонската репрезентација, Раул Гонзалез смета дека мечот со Словенија е исклучително важен за понатамошниот тек.
Македонија и Словенија силите ќе ги одмерат утре од 19 часот и 30 минути.